Рубрика: Климатологија
Средновековните сведоштва за затемнувањата откриваат детали за масивни вулкански ерупции
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 13.04.2023 - 12:30

Описите на затемнувањата на Месечината напишани од монаси и други учени луѓе од средновековието, им помагаат на научниците во утврдување на ефектите од древните вулкански ерупции.

Големиот јапонски поет Фуџивара но Теика запишал во својот дневник за невообичаено долго и темно затемнување на Месечината во декември 1229 година, забележувајќи дека Месечината како целосно да „исчезнала“. Сега климатолозите го искористиле записот на Теика и на десетици други лунарни набљудувања направени од средновековнте научници, свештеници и монаси, како извор во одредување на времето и влијанието на вулканските ерупции во периодот од од 1100 до 1300 година.

Истражувањето, објавено во Nature на 5 април, ги потврдува податоците извлечени од ледените јадра (примероци од мраз земени од голема длабочина од места со вечен мраз, како на пример, Арктикот и Антарктикот) и може да им помогне на научниците да го разберат времето до настанување на студениот период познат како Мало ледено доба, како и ефектите од некои од контроверзните техники предложени за манипулирање со климата по пат на блокирање на сончевите зраци.

Затемнувањата на Месечината биле опишани во средновековните извештаи (од лево кон десно) од Беатус од Лиебана, Јоханес де Сакробоско и Фуџивара но Теика.

Авторите идентификувале речиси 400 извештаи кои документираат вкупно 119 затемнувања на Месечината. Од нив, 37 вклучуваат информации за бојата и затемнетоста на Месечината. Научниците можат да ги искористат информациите за овие две особини за да утврдат дали и до кој степен била присутна вулканска прашина во тоа време.

Тимот документирал шест мрачни затемнувања на Месечината, кои се показател за масивни ерупции што ги исфрлиле вулканските аеросоли високо во стратосферата, која започнува на околу 10 километри над површината на Земјата. Комбинирајќи ги овие извештаи со изведба на симулации на модели, со информациите добиени од современи сателитски набљудувања и податоците од годовите т.е. прстените во стеблата на дрвјата, тимот проценил дека ерупциите се случиле 3 до 20 месеци пред да бидат направени набљудувањата. Тимот идентификувал уште пет црвеникави затемнувања кои укажуваат на ерупции кои инјектирале аеросоли во слојот под стратосферата, кои аеросоли би имале релативно мало влијание врз климата.

Новиот запис е во согласност со претходните проценки засновани на слоевите прашина пронајдени во ледените јадра земени од Антарктикот и од Гренланд. Работата исто така може да го продлабочи разбирањето на научниците за климата во периодот од 1100 до 1300 година, што би можело да биде клучно за разбирање на развојот на исклучително студениот период што следел, наречен Мало ледено доба.

Знаењето повеќе за она што се случило во минатото, исто така, може да помогне да се разјаснат потенцијалните влијанија на контроверзниот предлог познат како соларен геоинженеринг, во кој честичките ќе се инјектираат во стратосферата за да ја рефлектираат сончевата светлина назад во вселената. Некои научници тврдат дека таквите проекти би можеле да послужат како итна помош за ладење на планетата, при што би се избегнале најлошите ефекти од неконтролираното глобално затоплување.

Клучни зборови:
Затемнувањата на Месечината биле опишани во средновековните извештаи (од лево кон десно) од Беатус од Лиебана, Јоханес де Сакробоско и Фуџивара но Теика.

Затемнувањата на Месечината биле опишани во средновековните извештаи (од лево кон десно) од Беатус од Лиебана, Јоханес де Сакробоско и Фуџивара но Теика. Фото, од лево кон десно: British Lib. Board; New York Public Lib.; Меигецуки 4, 517)/Реизеи-ке Шигуретеи Бунко/Токио: Асахи Шинбунша