Рубрика: Медицина
'Кракен' не донесе непријатно изненадување
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 07.04.2023 - 13:30

Во текот на месец март дневниот број на тестирања беше прилично намален (жолтата линија на првиот дијаграм), што доведе и до прилично зголемување на стапката на позитивни тестови (црвената линија на првиот дијаграм). Очигледно интересот за тестирање сé повеќе се намалува, но дневните бројки остануваат во рамките на првиот степен на ризик, односно во подрачјето на спорадично заразување.

При спорадично заразување бројките се менуваат по случаен образец и не може да се зборува за некаков тренд. Зелената линија на вториот дијаграм, т. е. 7-дневната подвижна средина на дневниот број на случаи, потвдува дека веќе 5 месеци ништо драстично не се случува, со исклучок на благиот новогодишен раст и уште поблагиот раст последниве 2-3 месеци поради пристигнувањето на сојот омикрон XBB 1.5 „Кракен“.

Бројот на хоспитализираните (сината линија на третиот дијаграм) го потврдува истото. Се чини како да достигнавме извесна стационарна состојба, состојба на динамичка рамнотежа помеѓу – од една страна прележувањето од новозаразувањето, а од друга – бледнеењето на колективниот имунитет по основ на изминато време. Колективниот имунитет од двојно прележување, како и од прележување и вакцинација, држи многу подолго време, па сé уште е рано да видиме некакво позначително разгорување годинава.

Можно е дури никогаш да не видиме големо избувнување, бидејќи секогаш ќе има луѓе коишто ќе се здобиваат со нов хибриден имунитет, паралелно со оние коишто ќе го губат. Таквиот стационарен процес може да трае многу долго време или засекогаш, што всушност е често споменувата ендемија.

Да го разгледаме и фазниот портрет I-T (активни наспроти вкупно случаи, на четвртиот дијаграм). После есенскиот бран, би било очекувано згаснувањето да оди во насока на црвената стрелка, како што предвидуваат теоретските модели. Но, делумно поради пристигнувањето на новиот сој „кракен“, делумно и поради зголемената зимска преносливост, гледаме дека бранот никогаш сосема не престанал.

Добрата вест е што бројките, после речиси 4 месеци од пристигнувањето на новиот сој, сé уште остануваат во рамките на спорадичното заразување. Најверојатно нема да стигнат до нула сé до летото. Другото сценарио (раст на бројките) е помалку веројатно да се случи, штом досега не се случило.

Во поглед на бројот на починати, тие бројки исто така во просек се стационарни (на петтиот дијаграм). Велиме „во просек“ бидејќи на секои две недели ИЈЗ - Скопје објавува големи бројки на починати, но тоа се дополнително откриени, односно заборавени смртни случаи од системот „Мој термин“. Инаку, во просек и умирањето е сведено на спорадично, со просечно еден смртен случај дневно. Тоа значи дека практично целата популација веќе поседува мемориски имунитет што бргу се активира и ја ликвидира болеста пред таа да стигне да направи позначителни оштетувања.

Гледајќи нанапред, останува да чекаме СЗО конечно да прогласи официјален крај на пандемијата во светски рамки.

Клучни зборови: