Рубрика: Информатика
Што е думскролинг и како да го надминете
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 30.03.2023 - 12:15

Думскролингот (doomscrolling) претставува дејството на компулсивно “скролање” низ страниците на веб-порталите, по тајмлајнот на некоја од социјалните мрежи или што и да е слично, а сè во потрага по лоши вести. Активноста е толку распространета што во 2020 година се избори и за свое место во Оксфордскиот речник на англиски зборови. Навиката да се биде во тек со несреќните случувања во околината и светот преку скролање низ екранот од мобилниот телефон особено беше нагласена со пандемиските услови, карантините поради ковид и неможноста да се напушти куќата. Но сега, оваа навика (или опсесија) се префрла на потрагата по која и да е несреќна ситуација од војната во Украина, протестите во Франција, банкарската криза, инфлацијата, и... па што и да не веќе. Иако ваквото скролање е штетно по нашето ментално здравје, сепак, поради некоја причина, се чини дека никако не можеме да се куртулиме од оваа нездрава активност.

Способноста за емпатија е од фундаментално значење за човечките односи, но претераната емпатија за трагични ситуации, пренесена без филтри и директно од социјалните мрежи, може да доведе до поттикнување на негативни мисли, што може да доведе до анксиозност и депресија. Овој постојан “црн облак” ја цица когнитивната енергија од другите секојдневни задачи и може да создаде проблеми со вниманието и меморијата. Притоа станува сè потешко да замислите различни перспективи и да имате еластичност на мислата, а ризикувате и да останете заробени во логиката на “никогаш нема да го надминеме тоа“.

Ако е толку штетно, зошто тогаш не можеме да престанеме? Поривот да бараме информации за коишто знаеме дека ќе нè повредат е мошне неодолив од различни причини, кои се сепак целосно разбирливи иако не секогаш се лесни за прифаќање – чувството на сигурност и илузијата на контрола што ни ја дава познавањето на нештата; чувството на безбедност додека сè околу нас се распаѓа; и, секако, начинот на кој социјалните медиуми треба да ги изнесат највлијателните вести. Но, над сè друго, думскролингот претставува своевидна форма на занимација што е секогаш при рака – секогаш има изобилие од лоши вести, а ние секогаш ги имаме нашите мобилни телефони во нашите џебови.

Меган И. Џонсон (Megan E. Johnson), клинички психолог, за американското издание на Wired ова ќе го објасни на следниов начин: “Думскорлингот во суштина е техника на избегнување што ја користиме за да се справиме со анксиозноста. Ако некое лице е ранливо на анксиозност, ова може да стане нездрав механизам за справување.” Гледајќи дека работите одат наопаку на друго место, за момент се одвлекувате од непријатна емоција поради некој работен проблем, лична или семејна грижа. Но, думскоролингот ни го одзема времето што би можеле да го посветиме на мноштво други активности кои би можеле да направат навистина да се чувствуваме подобро – вистински “офлајн” врски, забавно хоби, исполнителна работа, вежбање на отворено или, едноставно, спиење. Според тоа, она што се создава е маѓепсан круг на малаксаност.

Има ли одвика? За да се запре думскролингот, или како што Британците милуваат да го наречат и енвискролингот (envy-scrolling) – шпионирање на животите на другите на социјалните мрежи за да се изведе само длабоко лично незадоволство – пред сè е неопходно да се препознае причината зад ова компулсивно однесување. Што стои зад нашиот интерес за лоши вести или претераната грижа за мислењата на другите? Ако, на пример, скролувате за да се оддалечите од работните проблеми, може да се обидете да ја надополните таа потреба со најлесното и најблиското решение – на пример, со разговор со колега, со стекнување навика да ги делегирате обврските, да се подружите со некој од семејството или некој од пријателите, да издвоите барем еден ден за одмор.

Секако, информирајте се, но не премногу! Кога се чувствуваме обземени од загриженост, сметаме дека со собирање на што повеќе информации за таа тема ќе преземеме и повеќе контрола врз ситуацијата. За жал, ова не е случај. Во ерата во која живееме нема ограничување на бројот на информации што можеме да ги собереме и без разлика на тоа колку напорно се трудиме да бидеме во тек, секогаш имаме перцепција дека не знаеме доволно.

Мора да се признае дека поголемото количество минливо прочитани вести не треба да се поистоветува и со квалитететно информирање. Напротив, премногу измешаните податоци носат ризик за зголемување на чувството на несигурност. Подобро е да го ограничиме бројот на извори, избирајќи ги најавторитетните, и да научиме да не го трошиме вниманието во лавиринтот на вести од социјалните мрежи. Никогаш нема да ги имаме сите вести на прв поглед, но да се обидеме да утврдиме што ни е доволно.

И за крај – поставете ограничувања. Освен ограничување за количината на “проголтани” информации, корисно е да се постават и ограничени временски прозорци во кои ќе се има пристап до онлајн информациите. Може да се решите да ги читате страниците од весниците за појадок или после ручек, а навечер да се приклучите на социјалните мрежи, а во другите „мртви моменти“ од денот – правете нешто друго. Воспоставувањето физички бариери меѓу нас и паметните телефони е, исто така, добра превенција против думскролингот. Ако мобилниот телефон го оставите подалеку од креветот, ќе го избегнете посегнувањето по него и потрагата по лоши вести во текот на ноќта.

Клучни зборови: