Рубрика: Информатика
Финале на проектот Валенс – објавена е платформа за машинско учење и наука за податоци
Автор: Игор Атанасов
Објавено на 30.03.2023 - 11:00

Со огромно задоволство сакаме да споделиме дека ERASMUS+ проектот „Advancing Machine Learning in Vocational Education – VALENCE“ е успешно завршен и интерактивната образовна платформа е комплетна и поставена online. Целиот наставен материјал за машинско учење и наука за податоците кој е создаден во рамките на проектот Валенс е наменет за средните училишта и е достапен на Гитхаб на повеќе јазици, вклучувајќи македонски, англиски, словенечки, српски и албански.

За да пристапите до материјалот, потребна ви е локална работна инсталација на Jupyter Lab, или можете да ги користите интерактивните верзии на Google Colab преку нашата страница на Google Site или преку линковите кој се дадени на Гитхаб.

Во продолжение можете да се запознаете со идејата и главните цели на овој ERASMUS+ проект:

Во последниве години познавањето на машинското учење (ML) како квалификација за добивање работно место сѐ повеќе добива на важност на ИТ пазарот. Компаниите бараат вработените да имаат познавање од основните принципи на работа со големи податоци и примена на методите за машинско учење, бидејќи многу области се под влијание на моќта на вештачката интелигенција (AI). На пример, адвокатските канцеларии бележат растечки тренд на употреба на AI за ефикасна анализа на судски документи, медицинските професионалци зависат од AI во анализата на медицински слики и откривање на тумор, телекомуникациските оператори генерираат големи количини податоци кои подлежат на податочно рударење и анализа, банките и супермаркетите користат ML за да ги следат своите клиенти и да ги прилагодат своите услуги итн. Всушност, речиси сите компании може да имаат корист од разбирањето на принципите за машинско учење од страна на нивните вработени.

Целта на проектот „VALENCE“ е да ги оспособи учениците тие да бидат идните лидери на пазарот за трудот во индустријата на машинско учење. За да се постигне оваа цел, проектот ја користи стручноста на партнерите во високото образование и искуството за обука од страна на партнерите од средното стручното образование. Притоа, ќе се таргетираат и насочат учениците од средните стручни училишта кои сакаат унапредување на нивните знаења.

Во сржта на проектот е дизајнирање, развој и стартување на онлајн образовна платформа за машинско учење која е усогласена со образовните потреби на целните групи. Платформата ќе се заснова на слободен софтвер во согласност со тековните главни европски политики за отворена иновација, отворена наука и отвореност кон светот. Платформата ќе опфаќа податочно рударење (анализа на големи податоци), обработка и препознавање на сигнали како и вештачка интелигенција во роботиката. Таа ќе биде прилагодлива и ќе им овозможи на наставниците да го постават нивото на вклученост на учениците, на пример, користење графички блокови за помладите и пишување на код за учениците од завршните години.

Конечното влијание на проектот е во подобрувањето на перспективите за кариера на сегашните и идните генерации како високо квалификувани работници со познавање на техниките на машинското учење, со што ќе ги зајакнат перспективите на нивните земји, а и на Европа како глобален лидер во технологијата.

Исто така, влијанието од овој проект ќе биде долгорочно и ќе донесе унапредување не само на перспективите за кариера на учениците, туку и на училишните центри како институции кои секогаш го следат светскиот тренд на иновации, а најновите технолошки практики ги имплементираат и применуваат при вршењето на воспитно образовната дејност.

Проектот претставува одлична можност за споделување на различни образовни практики за наставниците и вработените, бидејќи тоа ќе има влијание врз идните наставни програми и планови.

Партнери во овој проект од програмата ERASMUS + се:

Факултетот за електротехника и информациски технологии од Скопје, како носител на проектот, Средното општинско стручно училиште ИЛИНДЕН од Општина Илинден, Научниот институт Јожеф Стефан од Словенија, Школскиот центар Крањ од Словенија и Електротехниката школа Михајло Пупин од Нови Сад, Србија.

Клучни зборови: