Песочна бура оддалечена 40 светлосни години, егзопланета слична на Земјата но без атмосфера, топол Јупитер... Ви пренесуваме само дел од вестите за 'чудесиите' што неодамна беа фатени со златното окото на вселенскиот телескоп Џејмс Веб
Вселенскиот телескоп Џејмс Веб (JWST) на НАСА забележа вител на облаци од прав на планета во ѕвезден систем оддалечен 40 светлосни години од нашиот Сончев систем. Истражувачите кои ги анализираа податоците од JWST на атмосферата на планетата VHS 1256 b, докажаа дека облаците се составени од силикатни честички чијашто големина е од зрно песок до честичка прав.
Гасниот гигант поседува деноноќие од 22 часа и динамична атмосфера. Врелите бури на VHS 1256 b достигнуваат температури од 830°C. Потоплиот материјал се крева додека постудениот материјал паѓа надолу, па атмосферата на планетата постојано расте, се меша и се движи. Научниците кои работат на JWST ги забележале овие промени како промени во осветленоста. Промените биле толку нагли што VHS 1256 b всушност се стекна со титулата најпроменлив објект со планетарна маса познат до денес.
Концептуализација на вителот од облаци идентификувани со вселенскиот телескоп Џејмс Веб во атмосферата на егзопланетата VHS 1256 b.
Истражувачите пронашле и вода, метан и јаглерод моноксид, како и траги од јаглерод диоксид – најголемиот број на молекули откриени одеднаш на планета надвор од нашиот Сончев систем. VHS 1256 b орбитира околу две ѕвезди, при што една година на оваа планета трае 10 000 години на Земјата.
Истражувачите биле во можност и директно да ги анализираат инфрацрвените спектри на планетата бидејќи таа орбитира околу нејзините матични ѕвезди на мошне голема оддалеченост. Всушност, VHS 1256 b се наоѓа околу четири пати подалеку од своите ѕвезди отколку што Плутон е оддалечен од нашето Сонце. Тоа значи дека светлината од планетата не се меша со светлината од нејзините ѕвезди.
JWST забележа и уште еден гасен џин кој доби прекар „жежок Јупитер“. Егзопланетата, HD149026b (наречена Smertrios), покажува огромно изобилие на потешки елементи како јаглерод и кислород, што е невообичаено за планета со нејзина големина. Имено, планетата има маса колку Сатурн, но нејзината атмосфера има дури 27 пати поголема количина на тешки елементи споредено со количината на водород и хелиум што се присутни во атмосферата на Сатурн, откриваат научниците во трудот објавен деновиве во Nature.
Смертриос е исто така чуден бидејќи има висок сооднос на јаглерод и кислород. На прв поглед ова би можело да изгледа дека планетата нуди услови за развој на живот базиран на јаглерод, како што е оној на Земјата. Но, високиот сооднос јаглерод-кислород всушност значи мошне помалку вода може да се најде на површината од планетата или во планетарниот систем. Ова би било проблем за изнедрување на животот онаков како што го познаваме.
JWST направи набљудувања и на друга егзопланета која дава надеж дека поседува услови погодни за живот, но набљудувањата покажуваат дека оваа карпеста планета има сосема друг вид проблеми.
Споредба на дневната температура на TRAPPIST-1 b, измерена со помош на инструментот MIRI, со компјутерски модели за тоа каква би била температурата при различни услови.
TRAPPIST-1 b е малку поголем од Земјата и орбитира околу студено црвено џуџе по траекторија околу сто пати поблиска од онаа на Земјата околу нашето Сонце. Системот TRAPPIST е оддалечен околу 40 светлосни години од Земјата.
JWST им овозможи на астрономите за првпат директно да ја измерат температурата на егзопланетата преку анализа на светлината што ја испушта самата планета. Инструментот MIRI на JWST кој набљудува во средното инфрацрвено подрачје, овозмоќи да се открие и испита топлинската енергија емитувана во форма на инфрацрвена светлина. Резултатот покажа дека дневната страна на планетата има температура од приближно 230°C. што укажува на тоа дека нејзината атмосфера е соголена, веројатно од многу активната ѕвезда. Ова не е добар знак за шансите за поддршка на живот на оваа планета, но претставува напредок во нашата способност за проучување на далеќните екстрасоларни планети.