Тунелите на патиштата мора да бидат добро осветлени дење и ноќе за да се осигура безбедноста на возачот. Од Шпанија доаѓа еден интересен предлог – тоа да се оствари со рефлектирање на сончевата светлина. Со цел да се намали потрошувачката на електрична енергија, а тунелите сепак да станат уште поосветлени и побезбедни, група шпански истражувачи развиле систем што ја рефлектира сончевата светлина во внатрешноста на тунелот. Резултатите од нивната студија беа објавени неодамна во Tunneling and Underground Space Technology.
Антонио Пења Гарсија, еден од авторите на студијата, за шпанскиот магазин El Confidencial појасни дека иако парадоксално „осветлувањето на тунелите е многу поскапо во текот на денот отколку навечер. Колку повеќе светлина има надвор, толку повеќе светлина е потребна внатре во тунелите и толку е поголема потрошувачката на енергија”. Имено, кога влегуваме во тунел во текот на денот на човечкото око му треба многу повеќе светлина за да се прилагоди. Притоа осветлувањето е особено клучно во првите 120 метри – тунел со добро дизајнирано осветлување треба да понуди многу висок интензитет на светлина во текот на денот, многу низок ноќе и средeн за време на облачните денови.
Идејата на истражувачите, којашто тие ја усовршуваа неколку години и која сега конечно е презентирана како дефинитивен проект, е да инсталираат систем од соларни колектори на влезот од тунелот, лоцирајќи ги на ниво на подот. Тие би ја проектирале светлината кон комплексната геометрија на сводот од тунелот, со што осветлувањето би се прераспределило хомогено. Просто кажано се работи за своевиден систем на „огледала“ кои ќе ги рефлектираат сончевите зраци во внатрешноста на тунелот.
Како најтежок предизвик при истражувањето се поставило фаќањето на сончевите зраци, чијашто инциденца варира во текот на денот. Пења Гарсија дизајнирал систем на хелиостати, вид механички огледала што го следат сонцето. Потоа работата на архитектот била да дизајнира свод со сложена геометрија што ќе може дифузно да ја насочува светлината што доаѓа одоздола кон внатрешноста на тунелот.
Проектот е подготвен да премине од теорија во пракса, а системот може да се примени и кај постојните тунели. Сончевите колектори ќе треба да бидат рефлектирани и во внатрешноста на тунелот за да не се дисперзира светлината, а исто така, тие ќе треба да бидат произведени од материјал што не се прегрева. Сводот на тунелот, пак, би се прекрил со рефлективен материјал што обезбедува најдобра дифузија на светлината.
Овој систем сепак нема целосно да ја елиминира вештачката светлина во тунелите, таа ќе биде неопходна од безбедносни причини и во текот на денот, а и поради недостатокот од сончева светлина во текот на ноќта, но според пресметките на истражувачите потрошувачката на електрична енергија би можела речиси и да се преполови.