Рубрика: Информатика
На ФЕИТ се одржа курс – Валенс: Машинско учење и наука за податоци за средни училишта
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 27.03.2023 - 13:30

Како завршна активност од проектот Валенс, на ФЕИТ во периодот 20 до 22 март беше одржан тридневен курс на тема „Машинско учење и наука за податоци за средни училишта”. Курсот е дел од активностите на Лабораторијата за производство при ФЕИТ – ФабЛаб, а на него присуствуваа 56 средношколци од повеќе скопски средните училишта – СОСУ „Илинден”, СУГС „Раде Јовчевски Корчагин”, СУГС „Орце Николов”, СЕТУ „Михајло Пупин”, СУГС „Никола Карев” и СУ„Зеф Љуш Марку”.

Во курсот свои воведни предавања за различни теми од областа на машинското учење и науката за податоци имаа професорите Живко Коколански, Стефан Златинов, Томислав Карталов, Марија Марковска Димитровска, Горјан Наџински и Бранислав Геразов. Предавањата беа направени врз основа на наставниот материјал за машинско учење и податочна наука создаден во рамките на проектот Валенс, а наменет за средните училишта. Целиот материјал е достапен на Гитхаб на повеќе јазици, вклучувајќи македонски, англиски, словенечки, српски и албански.
Курсот беше поддржан од македонската секција на ИЕЕЕ преку нејзините оддели: здружениот оддел за процесирање на сигнали и инженерство во медицината и биологијата (SP/EMB), здружениот оддел за електронски компоненти, инструментација и мерења, полуспроводнички кола (ED/IM/SSC), како и афинитетната група на доживотни членови на ИЕЕЕ, (LM80077).

Повеќе за проектот Валенс/Valence – “Најдобри практики за изучување на машинско учење и наука за работа со податоци во стручните образовни центри”/ "Data Science and Machine Learning Teaching Practices with Focus on Vocational Education and Training" може да прочитате тука и тука

Клучни зборови: