Од 5 до 8 април во Крањ, Словенија, во рамките на проектот Валенс/Valence – “Најдобри практики за изучување на машинско учење и наука за работа со податоци во стручните образовни центри”/ "Data Science and Machine Learning Teaching Practices with Focus on Vocational Education and Training", се одржа четиридневен тренинг настан чиј домаќин беше Школски центар, Крањ. Во меѓународниот проект, којшто се изведува под капата на Еразмуз, вклучени се две високообразовни институции – Факултетот за електротехника и информациски технологии од Скопје (Македонија) и Институтот Јожеф Стефан од Љубљана (Словенија), како и три стручни училишта – ЕТШ “Михајло Пупин” од Нови Сад (Србија), Школски центар од Крањ (Словенија) и СОСУ Илинден (Македонија).
Во настанот беа вклучени деветмина учесници – двајца домаќини, Наташа Кристан и Урош Стерле од ШЦ Крањ, како и седуммина учесници од партнерите во проектот: Стефан Златинов и Томислав Карталов од ФЕИТ, Слободан Таневски и Игор Атанасов од СОСУ „ИЛИНДЕН“, Арпад Коцис и Ермидин Елезовиќ од ЕТШ „Михајло Пупин“ и Примож Кочуван од Институтот Јожеф Стефан.
Според планираните активности, учесниците беа поделени во две фокусни групи. Поголемата група работеше на финализирање на работата на интелектуалниот резултат О3 и произведе неколку образовни и визуелизациски алатки за подучување на концептите за машинско учење наменети за средношколците од стручните средни училишта. Помалата група се фокусираше на обликување на наставната програма за машинско учење и податочната наука, како што беше планирано за интелектуалниот резултат О4. Покрај неколкудневната плодна работа, патувањето во Словенија беше збогатено со социјални настани, посети на Блед, Радовљица и Смарјетна Гора. Исто така, беше направена обиколка на училишните објекти и впечатливите лаборатории, а учесниците беа поканети на средба со директорот на Школски центар Крањ, Јоже Дреновец.
Проектот Валенс има за цел да ја испита запознаеноста на учениците во едукативните центри со поимите машинско учење и наука за работа со податоци (data science) и да развие соодветна програма за изучување на овие области со користење на отворена платформа, со што на крајот од образованието би се добил квалификуван кадар којшто ќе може уште веднаш да работи во индустријата, како основен оператор во управувањето со податочните бази. За проектот Валенс пишувавме и претходно, кога известивме за настанот што се одржа во Скопје, во просториите на СОСУ "Илинден"