Вчера, 22.3.2023 со почеток во 18 часот, во просториите на Народниот етнографски музеј во Варшава, Полска, се одржа промоција на двотомното издание „Македонија – Јозеф Обрембски“, книги составени од проф. Ана Енгелкинг од Институтот за славистички студии при Полската академија на науки, засновани на истражувачките материјали и записи од полскиот етнолог Јозеф Обрембски, материјали собирани во текот на неговиот истражувачки престој во Порече, Македонија, во 1931-32 година. Во овој проект исто така учествуваа проф. Јоана Ренкас и Илија Упалевски кои дадоа голем допринос во транскрипцијата и стручната редакција на текстовите.
На самиот настан со поздравен говор се обрати Илија Псалтиров, амбасадор на Македонија во Полска, како и директорот на Народниот етнографски музеј во Варшава, Роберт Зидел. Настанот продолжи со панел дискусија во која учествуваа проф. Ана Енгелкин, проф. Каролина Беленин – Ленчовска, антрополог и лингвист, професор-асистент при Институтот за етнологија и културна антропологија на Варшавскиот универзитет, како и проф. Марчин Лубаш, антрополог кој работи при Институтот за социологија при Јагилонскиот универзитет.
Обраќање на директорот на Народниот етнографски музеј во Варшава, г. Роберт Зидел
Обраќање на г. Илија Псалтиров, амбасадор на Македонија во Полска
Книгите се печатени на полски јазик и се состојат од 1300 страници уникатен и значаен етнографски и историски материјал, непосредно пишано сведоштво за македонската кутура, записи од теренските истражувања на полскиот етнологот и социолог Јозеф Обрембски, при неговиот престој во селата од Поречието од август 1932 до март 1933 година. Тој подготвувал и материјал за монографија посветена за религиозните и магичните ритуали на овчарите наспроти позадината на колективниот живот во поречките села. Овој подготвен материјал бил уништен за време на Втората светска војна во Варшавското востание и никогаш не бил објавен во форма на печатена монографија. Од овој материјал останале некои архивирани делови, како и комплетните етнографски записи од теренските истражувања напишани во изворна македонска верзија и нивна полска транскрипција, придружени со фотографии. Денес оригиналите од овие записи се чуваат во Архивот на библиотеката ДуБоа на Универзитетот на Масачусетс, а кај нас копии на дел од овие материјали постојат во Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ во Скопје.
Панел дискусијата со учесниците, од лево кон десно: модератор – г. Роберт Зидел, проф. Ана Енгелкинг, проф. Каролина Беленин – Ленчовска, проф. Марчин Лубаш
Книгите „Македонија 1 – Јозеф Обрембски“ и „Македонија 2 – Јозеф Обрембски“
Настанот беше организиран од Полското етнолошко друштво и Народниот етнографски музеј во Варшава. Во публиката присутни беа видни истражувачи и научници од полската академска сфера, поранешни дипломати на Полска во Македонија, како и голем број претставници од македонската заедница во Полска.