Рубрика: Математика
Најпрестижната награда во математиката Абел за 2023 година е доделена за решенија од областа на физиката
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 24.03.2023 - 13:45

Аргентинецот Луис Кафарели ја доби наградата Абел за 2023 година. Наградата Абел е најпосакуваното признание во доменот на математиката. На Кафарели му беше доделено за неговата работа на равенки кои се важни за опишување на физичките феномени, како на пример начинот на којшто се топи мразот и протокот на течностите. Тој е првиот човек роден во Јужна Америка кој ја добил наградата.

Во изјавата на Хелге Холден, математичарка од Норвешкиот универзитет за наука и технологија во Трондхајм, којашто претседава со Абеловиот комитет, се вели дека резултатите на Кафарели „се технички доблесни, покриваат многу различни области на математиката и нејзините примени“.

Кафарели е роден во Буенос Аирес во 1948 година. Откако докторирал, во 1973 година тој се преселил во САД и го поминал остатокот од својата кариера во различни институции таму, вклучувајќи го и Институтот за напредни студии во Принстон, Њу Џерси. Сега работи во Универзитетот на Тексас во Остин.

Многу од најпознатите резултати на Кафарели се поврзани со регуларноста – или нејзиното отсуство – во решенијата на таканаречените парцијални диференцијални равенки. Тие се меѓу најважните равенки во математиката и физиката. Вклучуваат повеќе променливи, вообичаено време и една или повеќе димензии на просторот. Регуларноста значи рамномерност, така што во решенија нема да пројават нагли промени или да бегаат до бесконечност. Во математичката физика, од решенијата често се очекува да бидат редовни бидејќи равенките ги моделираат феномените во макроскопски размери – каде што работите како што се распределбата на температурата или притисокот се чинат рамномерни – и каде што бесконечностите би биле нефизички.

Во своето прво големо откритие, Кафарели генерирал доказ за регуларноста на топењето на мразот, покажувајќи дека површината на парче мраз останува воглавно мазна при претворањето во течна вода. Неговиот резултат беше рафиниран во 2021 година од Алесио Фигали, од Швајцарскиот федерален институт за технологија во Цирих, и неговите соработници.

Во еден друг прославен труд, во 1982 Кафарели ги здружи силите година со покојниот Луис Ниренберг, Абелов лауреат од 2015 година, и Роберт Кон, од Универзитетот во Њујорк, со цел да го решат еден од најозлогласените проблеми во математичката физика – регуларноста на движењето на флуидите, онака како што е тоа опишано со стандардната теорија за динамика на течности, со равенките Навиер-Стоукс.

Триото покажа делумен резултатски успех, што сè уште е најдоброто познато решение до денес и е едно од најголемите достигнувања на Кафарели, според него. Но, целосната регуларност е сè уште остана отворено прашање, и во 2000 година од страна на Институтот за математика Клеј беше вклучена како еден од седумте милениумски проблеми, за којшто се нуди награда од 1 милион американски долари на првиот човек што ќе успее да го реши. Во принцип, сè уште е можно равенките да немаат регуларност и наместо тоа, тие би можеле да дозволат брзината на турбулентните течности да „експлодира“ до бесконечност, правејќи ја теоријата лош модел за реалниот свет, како што објасни Кафарели во неговото предавање при претставувањето на равенките како Милениумски проблеми. Во последниве години, Кафарели се префрли на проучување на равенките Монге-Ампер, кои се важни во доменот на геометријата.

На церемонијата што на 23 мај ќе се одржи во Осло, Кафарели ќе добие медал и 7,5 милиони норвешки круни (700 000 американски долари). Иако Абеловата награда е делумно моделирана по Нобеловите награди, кои наведуваат конкретни откритија, многумина ја гледаат како „награда за кариера“. Од досегашните 26 лауреати, само еден од добитниците е жена – Карен Кескула Уленбек, добитник на Абел за 2019 година.

Клучни зборови: