Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 19.3.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 19.03.2021 - 22:15

Во денешниот времеплов го славиме роденденот на основоположникот на современата психотерапија во Македонија, Миодраг Мицев, на британскиот хемичар Норман Хаворт, како и на францускиот физичар Фредерик Жолио-Кири. Покрај ова се сеќаваме на делото на големиот писател од областа на научната фантастика Артур Кларк и го одбележуваме денот кога за првпат жена беше добитник на Абеловата награда...

 

19.3.1935 – Роден е Миодраг Мицев, познат македонски невропсихијатар

Познат невропсихијатар и редовен професор на Медицинскиот факултет и на Факултетот за драмски уметности. Вработен е на Нервната клиника од 1960 до 1992 година. Медицински факултет завршил во Скопје во 1959 година, специјализирал во 1964 година, а хабитирал во 1974 година. Втемелувач е на модерната психотерапија, со посебен акцент на психоанализата во Македонија и на поранешните југословенски простори.

Тој е и познат публицист и предавач од областа на психологијата и психијатријата, автор на голем број монографии од таа област, како “Психоанализата на театарот“, “Интимно за мажите“, “Зошто“ итн. Објавил повеќе од 100 научни трудови од психологијата и психијатријата. Почина во Скопје, во 1992 година. (Т. С.)

 

19.3. 1950 – Роден е/Починал Норман Хаворт

Волтер Норман Хаворт (Walter Norman Haworth, 1883 - 1950) е британски хемичар. Најпознат е по неговото истражување на аскорбинската киселина (витаминот Ц) и можноста за нејзино синтетизирање, спроведено додека работел на универзитетот во Бирмингем.

Во 1937 година Норман Хаворт ја добива Нобеловата награда за хемија “за неговите истражувања на јаглехидратите и витаминот Ц”. Наградата ја дели со швајцарскиот хемичар Паул Карер (Paul Karrer), којшто ги истражувал другите витамини.

Хаворт ја утврдил точната структура на голем број шеќери. Во полето на органската хемија познат е по развојот на хавортовата проекција којашто ги пресликува тридимензионалните структури на шеќерот во соодветни дводимензионални графички форми. (Н. С.)

 

19.3.1900 – Роден е Фредерик Жолио-Кири

Фредерик Жолио Кири (Frédéric Joliot-Curie) е француски физичар и нобеловец. Тој заедно со неговата жена Ирен Жолио-Кири е добитник на Нобеловата награда за физика во 1935 година за нивната синтеза на вештачки изотопи.

При нивните истражувања парот изложил повеќе различни елементи на алфа-радијациија и открил нови изотопи од други елементи коишто при вообичаени услови не покажувале својства на радиоактивност.

Со сопругата Ирен ќе постигнат повеќе значајни откритија во областа на атомската физика: во 1934 година ќе ја откријат вештачката радиоактивност и позитронското зрачење на радиоактивните објекти, ги проучуваат својствата на неутроните, создавањето на паровите позитрон-електрон, судирот на позитрон со електрон.

За време на окупацијата на Франција од фашистичка Германија учествувал во движењето на отпорот како член на илегалната комунистичка партија.

Од 1946 до 1950 година го водел Комесарјатот за атомска енергија, а под негово водство е конструиран првиот француски нуклеарен реактор, којшто проработил во 1948 година. Бил огорчен противник на употребата на атомската енергија во воени цели. (Н. С.)

 

19.3.2008 – Почина Артур Кларк

Сер Артур Чарлс Кларк (Sir Arthur Charles Clarke, 1917 – 2008) е англиски писател на научна фантастика и пронаоѓач. Иако неговиот писателски опус е мошне обемен, Кларк е најпознат по неговиот научнофантастичен роман “2001 година: Вселенска одисеја”. Артур Кларк е автор и на сценариото за истоимениот филм, режиран од Стенли Кубрик. Филмот е прогласен за едно од најдобрите филмски остварувања во областа на научната фантастика.

Артур Кларк, заедно со Роберт Хајнлајн и Исак Асимов, се вбројува во таканаречената “Големата тројка“ на научната фантастика на 20 век. Целокупниот негов опус брои над 100 книги за науката, вселената и иднината. Во голем дел од нив се претставени идеи коишто дадоа значителен придонес во развојот на некои современи технологии. Така, на пример, Артур Кларк меѓу првите ја предлага употребата на систем од геостационирни сателити за создавање на глобална телекомуникациска мрежа. Имено, уште во 1945 година тој во својот труд во списанието Wireless World ги разработува идеите на Циолковски и Поточник за сателити коишто ќе ја обиколуваат Земјата за 24 часа па гледани од Земјата тие ќе “стојат“ над одредена точка. Артур Кларк предлага тие геостационарни сателити да се искорстат како релеи за широка дистрибуција на радиски и телевизиски програми и дека се доволни само 3 такви сателити за да се “покрие“ целата Земја со радиосигнали и да се овозможи радиоврска помеѓу кои било две точки на Земјата. Геостационарните сателити кружат на висина од околу 36 000 километри над Земјата, затоа што на таа висина сателитот прави една обиколка околу Земјата за точно 24 часа.

Слично како и Жил Верн пред него, Кларк во неговите дела визионерски предвиде повеќе современи технологии и научни концепти, особено во доменот на вселенските истражувања, поради што честопати е нарекуван и “пророк на вселенското доба“. (Н. С.)

 

19.3.2019 – За првпат Абеловата награда ја освои жена

Норвешката Академија на науките објави дека Абеловата награда за 2019 година ќе и биде врачена на американската математичарка Карен Кескала Уленбек (Karen Keskulla Uhlenbeck). Ќе остане забележана како прва жена на која и беше укажана оваа чест од зачетокот на наградата во 2003 година. Наградата, која чијшто престиж е рамо до рамо со оној на Нобеловата награда, на лауреатот му носи и парична добивка од 6 милиони норвешки круни, односно речиси 600 000 евра.

Со наградата и се оддава почест на Уленбек за нејзината опсежна работа во доменот на анализата, геометријата и математичката физика, но најмногу за нејзината пионерска работа на полето на геометриската анализа, како што беше забележано во магазинот Science. Геометриската анализа ја комбинира техничката моќ на анализата, гранка од математиката што го проширува и поопштува калкулусот, со во голем дел концептуалните области на геометријата и топологијата. (Н. С.)

Клучни зборови:
Сер Норман Хаворт

Сер Норман Хаворт

Портрет на Норман Хаворт

Портрет на Норман Хаворт

Фредерик Жолио Кири

Фредерик Жолио Кири

Фредерик Жолио Кири

Фредерик Жолио Кири

Брачниот пар Ирен и Фредерик Жолио Кири во нивната лабораторија

Брачниот пар Ирен и Фредерик Жолио Кири во нивната лабораторија

Сер Артур Кларк

Сер Артур Кларк

Сер Артур Кларк во своите дела ги предвиде геостационарните сателити

Сер Артур Кларк во своите дела ги предвиде геостационарните сателити

Сер Артур Кларк во неговиот дом во Шри Ланка

Сер Артур Кларк во неговиот дом во Шри Ланка

Американската математичарка Карен Кескала Уленбек

Американската математичарка Карен Кескала Уленбек 

Карен Кескала Уленбек

Карен Кескала Уленбек