Биоинженерите се во потрага по лек што со стимулирање на активноста на кафената маст – којашто ги трансформира масните киселини во топлина – ќе може да нѐ заштити од екстремен студ.
Колку би било супер ако во студените зимски денови можеше да се загреете само со пиење апче? Ви се чини на научна фантастика? Но, наскоро ова би можело да стане реалност благодарение на проектот што го спроведува биоинженерот од Универзитетот Рајс (САД) Јержи Шабловски, кој доби грант од американската владина агенција која се занимава со развојот на нови технологии за воена употреба – DARPA. Идејата на Шабловски е да развие негенетски лек кој привремено ја подобрува отпорноста на нашето тело на екстремни температури. Да разгледаме како тоа би функционирало.
Човечкото тело реагира на студот на два начина: со тресење/треперење, кое иако бавно, сепак ја зголемува температурата на телото, или со користење со согорување на BAT (Brown Adipose Tissue) односно кафеавото масно ткиво т.н. „добри масти“ (за разлика од белата маст), процес при којшто ги согорува масните киселини присутни во телото и создава топлина. Овој втор тип на термогенеза е побрз, но не генерира толку топлина како тресењето, барем не кај луѓето.
Оттука и идејата на Шабловски за пронаоѓање лек што ќе може да го забрза одговорот на BAT, што би можело да им помогне на екипите за прва помош во третманот на жртвите од хипотермија, но исто така, во научната област, да ги намали трошоците за истражување на Арктикот. Имено, како што појаснува Шабловски „Ако имате лек кој ја подобрува активноста на кафеавите маснотии, не треба да поминувате неколку недели приспособувајќи се на студот, туку во рок од неколку часа ќе може да станете функционални“.
Ова не е првпат научниците да се занимаваат со кафената маст. Во август 2022 година, Истражувачкиот институт Скрипс идентификуваше метаболит, наречен миристоил глицин, кој предизвика создавање на кафеави масни клетки кај глувците без да произведе и некои очигледни несакани ефекти. Претходно, во 2020 година, истражувачите од Националниот институт за здравје откриле дека лекот Мирабегрон, лек кој се користи за лекување на прекумерно активен мочен меур, ја стимулира активноста на кафеавите масти кај волонтерките кои земале двојно поголема доза од препорачаната во текот на четири недели. Во овој случај, сепак, имало и несакани ефекти – високите дози на лекот го зголемиле срцевиот стрес.
Ако сте зиморливи како мене, секако со нетрпение ќе го очекувате развојот на истражувањето на Шабловски, надевајќи се дека биоинженерот наскоро ќе може да најде апче што ќе може брзо и ефикасно да нѐ спаси да не изѕемнеме.