Венера е мошне чудна планета. Во многу аспекти таа наликува на Земјата, почнувајќи од димензиите, но во други аспекти може да се каже дека е светлосни години далеку. Сега една нова карактеристика ја прави уште поблиска до нашата планета – вулканизам. Имено, според неодамна објавениот труд во списанието Science, една група истражувачи неодамна идентификувале геофизички докази за активен вулканизам на површината на Венера, сличен со оној на Хавајските острови.
Под активен вулканизам во овој случај се подразбира појава што се случува „во наше време“, да не кажеме сега. Резултатите произлегуваат од новата анализа на радарските снимки направени од сондата Магелан. Сликите откриваат нешто што би можело да биде отвор на вулкан кој ја променил формата во текот на неколку месеци, што според истражувачите би укажало на тековна вулканска активност.
На површината на Венера веќе беше идентификувано постоењето на мноштво вулкани, но сѐ досега немаше докази за неодамнешна вулканска активност. Исто така, не беше познато дали забележливите вулкански карактеристики на геолошки младата површина на Венера се производ на тековен активен вулканизам или остатоци од прастара вулканска активност која згаснала.
Податоците за надморска височина за регионот Маат и Оза Монс на површината на Венера се прикажани лево, со областа на проучување означена со црно. Десно се набљудувањата на Магелан на проширениот отвор на Маат Монс пред (А) и потоа (Б). Фото: Роберт Херик/УАФ
Сепак, некои претходни истражувања кои вклучуваа анализа на гасовите присутни во атмосферата на Венера, претпоставуваа постоење на вулканска активност. Навистина, во некои области на планетата, токму таму каде што во релјефот се забележуваат големи вулкански испакнувања, концентрациите на сулфур диоксид, гас што го испуштаат вулканите, биле со мошне високо ниво. Сепак, ова не претставувало доволно цврст доказ за со сигурност да може да кажеме дека на Венера денес постојат активни вулкани.
Геофизичарот Роберт Херик, од Универзитетот на Алјаска Фербенкс, и инженерот Скот Хенсли, од Лабораторија за млазен погон на НАСА, ги преиспитале радарските снимки од површината на Венера направени од вселенското летало Магелан во периодот помеѓу 1990 и 1992 година, во потрага по неоткриени докази за вулканска активност. За време на мисијата, сондата Магелан користела радар за мапирање на површината на планетата од неколку орбити, набљудувајќи ги некои од локациите на површината двапати или трипати во текот на двете години, вклучувајќи и областите што подоцна биле идентификувани како потенцијални локации за вулканска активност.
Херик и Хенсли морале рачно да ги анализираат радарските слики со целосна резолуција, со цел да проверат дали се забележливи какви било промени во формата на земјиштето помеѓу двата радарски премина. Така, тие беа во можност да идентификуваат вулкански отвор, дел од поголемиот вулкански систем – Маат Монс, кој изгледало дека расте и дека го променилa обликот во периодот помеѓу правењето на двете радарски снимки, направени со разлика од осум месеци.
На овој начин, двајцата научници ги толкуваат забележаните промени како индикација за тековна вулканска активност на Венера – морфолошките разлики би требало да се предизвикани од масивните текови на лава.
Но, за ова откритие да биде потврдено ќе мора да се почека на резултатите од новите мисии на НАСА и ЕСА кои треба да се упатат кон ѕвездата Деница во наредните неколку години, а кои ќе имаат задача да ја проучат планетата длабински.