Соочени со огромната и тешка задача за читање на јагленисаните остатоци од свитоци стари 2000 години пронајдени во луксузна вила во Херкуланеум, научниците распишаа конкурс со парични награди за секој што ќе успее да дешифрира дел од текстот од овие свитоци. Сметате дека имате шанси да освоите дел од пакетот од 250 000 американски долари? Читајте понатаму...
Како и познатиот град Помпеја, Херкуланеум бил закопан под вулканската пепел при ерупцијата на Везув во 79 година. Силниот налет на жежок гас од Везув јагленосал стотици свитоци што се наоѓале во огромната вила, зачувувајќи ги до денешни дни. Вилата во која се пронајдени споменатите свитоци била откриена во 1750 година од страна на италијански земјоделец кој копал за бунар. За жал, некои од свитоците пронајдени библиотеката на вилата биле рачно одвиткувани во следните децении, при што се биле неповратно оштетени. Остатокот од 600-те свитоци останаа нечитливи, како загатка за идните генерации, сѐ до денес.
Остатоците од Херкуланеум
Во 2018 година, научниците вклучени во Иницијативата за дигитална реставрација на Универзитетот на Кентаки се обидоа да користат високоенергетски рендгенски зраци испукувани со акцелератор за да ѕирнат во содржината на свитоците без притоа да ги оштетат. Информатичарите од Универзитетот на Кентаки предводени од професорот Брент Силс успеале да обучат алгоритам за машинско учење за да ги дешифрира рендгенските снимки од папирусот со цел да забележи суптилни разлики во структурата на површината.
Сега, тимот на Силс го објави својот софтвер заедно со илјадници 3Д рендген снимки во обид да вклучи колку што е можно повеќе луѓе во обидот за дешифрирање на античките текстови. Притоа се нудат и награди со вкупна вредност од 250 000 американски долари за глобалните истражувачки групи кои ќе можат да ја подобрат вештачката интелигенција за да ја прочита единствената преостаната древна библиотека што преживеала до денес. Големата награда од 150 000 американски долари ќе биде доделена на првиот тим кој ќе декодира четири пасуси од текст од свитоците пред крајот на годината.
Еден од свитоците од Херкуланеум којшто се чува во Институтот на Франција
Инфрацрвените снимки открија грчки букви и други симболи испишани со црно мастило на свитоците. Рендгенските снимки и вештачката интелигенција на тимот на Силс успеале да забележат нов скриен текст во слоевите помеѓу нив. Некои научници предлагаат дека свитоците веројатно вклучуваат и латински текстови, вклучувајќи ги песните на Сафо или изгубениот трактат за пијанството на Марко Антониј. Силс се надева, пак, дека во свитоците ќе може да се најде нешто повеќе за раната христијанска филозофија.
'Ние го изградивме бродот. Сега сакаме сите да се качат и да пловат со нас', изјави за Гардијан професорот Брент Силс во врска со иницијативата за вклучување на пошироката јавност во обидот да се дешифрираат свитоците од Херкуланеум
Двата неотворени свитока му припаѓаат на Институтот на Франција во Париз. Се верува дека огромната вила во која биле пронајдени свитоците му припаѓала на богат римски државник. Една од можностите е дека објектот бил во сопственост на свекорот на Јулиј Цезар, Луциус Калпурниус Писо Кесонинус.
Ископувањата на локалитетот се далеку од завршени, поради што многумина се надеваат дека можеби во остатоците од вулканскиот пепел се наоѓаат уште илјадници зачувани свитоци.