Античката керамика ја открива големината на империјата Вари, којашто била во полн цут во периодот помеѓу седмиот и единаесеттиот век на територијата на денешно Перу. Заедниците што живееле во време на оваа империја користеле материјална, а не пишана култура, така што нивната уметност и предмети им обезбедуваат на археолозите најдобар увид во нивната единствена историја.
Кога помислуваме на првата голема империја во Јужна Америка веднаш на ум ни доаѓа империјата на Инките. Но, имало и пред нив – империјата Вари (Wari / Huari). Сепак, бидејќи оваа култура немала развиен пишан јазик, според професорот Луис Муро Иноњан од Природонаучниот музеј во Чикаго пиктографијата била мошне важна во социјалната комуникација. Тој вели дека „предметите како керамиката би биле важно средство за пренесување на социјалните и политичките пораки. Визуелното влијание на овие објекти би било супер моќно“.
Анализирајќи го составот на пигментите користени на керамиката од долините Хекетепеке, Наска и Мокега во денешно Перу, Муро Иноњан и неговите колеги забележале дека црните пигменти, добиени од манган и железо, биле слични во секој од регионите.
Керамички сад од регионот Моке во северниот дел на Перу со пигменти и техники на декорација под влијание на Вари. Фото: антрополошки збирки на Придодонаучниот музеј во Чикаго
Тие сметаат дека ова е резултат на тоа што Варите го олесниле пристапот до нивните омилени пигменти насекаде на овие територии со цел на соодветно 'империјално' брендирање на глинените садови, нешто што истражувачите го опишуваат како обезбедување на „Вари чувство преку бојата“, што на предметите им внесува извесен авторитет. Дури и кога рецептот за добивање на црн пигмент варирал помеѓу регионите, употребата на манган била траен симбол на моќта на Вари. Имено, со оглед на тоа што некои култури комбинирале материјали како железо и калциум во нивните пигментни палети, истражувачите го сметаат додавањето на манган како симбол на културно вметнување од страна на Вари, нешто како своевидна контрола на квалитетот ширум нивната сфера на влијание во којашто се обезбедуваат преферирани материјали за користење од страна на занаетчиите, нешто слично на „Made in“* етикета во денешни услови.
Употребата на “Вари црна боја” овозможувала одржување на печатот на владеење на империјата, дури и онаму каде што керамиката го задржала локалниот рецепт. Имено, како што откриваат истражувачите, во регионот на Андите црната боја е најчесто поврзана со предците, со ноќта, со текот на времето. Па так, во времето на Вари, бојата веројатно била важна алатка за наметнување на специфичната идеологија на Варите кај заедниците што тие ги освоиле.
Истражувачите се надеваат дека нивната студија ќе истакне дека во центарот на археолошките истражувања се луѓето, дека нивните технологии на создавање уметност, како што е керамиката од Вари периодот, се менуваат под влијание на комуникацијата помеѓу луѓето, независно дали таа се одвивале на ниво уметник – уметник или империја – занаетчија.
----
* "Изработено во"