Ако постоеше планета помеѓу Марс и Јупитер, таа би можела да ја истисне Земјата од Сончевиот Систем и ефективно да го збрише животот на површината од нашата планета. До овој заклучок дошол астрофизичарот од UCR Roverside, Стивен Кејн, а резултатот е дел од студијата која била во потрага по одговори на некои од сѐ уште отворените прашања во планетарната наука.
Првата цел на истражувањето била да се разбере зошто постои толку голем јаз помеѓу планетите слични на Земјата и гасните џинови во нашиот Сончев систем. Најголема од каменестите планети е Земјата, додека најмала од гасните џинови е Нептун, којшто има четири пати поголем пречник од оној на Земјата и е 17 пати помасивен. И во нашиот Сончев систем нема планети што би ја пополниле празнината – со пречник поголем од оној на Земјата и со маса помала од Нептуновата. Наспроти ова во другите сончеви системи постојат многу планети со маса помеѓу овие две граници, планети кои ги нарекуваме супер-Земји.
Друг елемент на истражувањето е обидот да се разбере зошто не постои планета помеѓу Марс и Јупитер. Всушност, „планетарните научници сметаа дека во тој простор би требало да има барем една планета од земски тип“.
За да дојде до одговорот на овие две прашања, Кејн извршил динамични компјутерски симулации, меѓу кои и со вметување на планета во просторот помеѓу Марс и Јупитер, при што на оваа имагинарна планета и бил доделен опсег од различни маси за да се провери влијанието што секоја од нив ќе го има врз орбитите на нејзините планетарни соседи и пошироко. Резултатите објавени во Planetary Science Journal велат дека постоењето на планета во тој простор на Сончевиот систем би било мошне проблематично. Фиктивната планета „би имала мало гравитациско влијание врз Јупитер, но доволно големо за тој да ги дестабилизира сите други планети“, вели Кејн.
Јупитер е прилично поголем од сите други планети заедно. Неговата маса е 318 пати поголема од онаа на Земјата, така што неговото гравитациско влијание е огромно. Ако ѕвезда или кој било друг објект помине блиску до Сончевиот систем и малку ја наруши орбитата на Јупитер, сите други планети ќе бидат длабоко погодени. Зависно од претрпената гравитациска промена, Јупитер дури би можел од Сончевиот систем да ги исфрли Меркур, Венера и Земјата, па и Уран и Нептун од другата страна.
Што се однесува до Земјата, дури и ако таа не биде исфрлена од Сончевиот систем, нејзината орбита би била толку променета што би дошло до нарушување на условите што го поддржуваат животот на нејзината површина, што би довело до негово исчезнување.
Резултатот од оваа студија укажува на тоа колку џиновските планети како Јупитер, кои се присутни во многу од сончевите системи откриени последниве години, можат да влијаат на постоењето или отсуството на живот на површината од помалите карпести планети.
Кејн заклучува: „Нашиот Сончев систем е многу покревок и подетално организиран отколку што тоа се сметаше. Работи прецизно како часовник со запченици. Додадете уште еден запченик и сè ќе се промени“.