Некаде во времето на последниот глацијален максимум, пред околу 20 000 години, Европа била покриена со дебели ледени плочи. Во тоа време нивото на морето било повеќе од стотина метри пониско од денес. За да се заштитат од студените услови во западна Европа, луѓето од овој период живееле во карпести засолништа и пештери, а на една локација во близина на Гранада, Шпанија, археолозите ги откопале човечките остатоци што го обезбедија најстариот човечки геном регистриран во регионот.
Геномот стар 23 000 години, кој потекнува од Куева дел Малалмуерсо, е најстариот пронајден геном во регионот на Андалузија и еден од најстарите регистрирани. Истражувачите од Институтот за еволутивна антропологија Макс Планк ги поврзаа овие генетски остатоци со оние од еден белгиски примерок стар 35 000 години, кој беше пронајден во 2016 година. Сепак, иако локацијата е одалена едвај десетина километри од Северна Африка, која се простира отаде водите во Гибралтарскиот Теснец, истражувачите откриле дека геномот не е поврзан со ниту една од генетските лози во денешно Мароко.
Човечки заб oткриен во Куева де Малалмуерзо. Фото: Педро Канталехо
Иако мошне често од човечките останки се извлекуваат парчиња генетски материјал, геномот, сепак, претставува е комплетен сет на ДНК на организмот. За генетскиот материјал да преживее зачуван толку долг временски период потребни се мошне специфични услови. Топлите и суви услови, што се вообичаени за површината на регионите во јужна Шпанија и северна Африка се далеку од идеални, но кога станува збор за пештерите приказната е сосема поинаква. За среќа, при овие ископувања ДНК беше недопрена и овозможи следење на примерокот до одредена група луѓе кои се населиле на Пиринејскиот Полуостров кон крајот од последното ледено доба.
Остатоци од карпеста уметност во Куева де Малалмуерсо. Фото: Педро Канталехо
Според научниците, пронаоѓањето на едно вакво прастаро генетско наследство на Пиринејскиот Полуостров претставува извонредно откритие, особено ако се има предвид дека остатоците што содржат ваков генетски материјал, што потекнува од пред леденото доба, се одамна речиси исчезнати во другите делови од Европа.
Инаку најстариот познат геном од тлото на Европа потекнува од женски череп пронајден во Чешка, чијашто старос е проценета на околу 45 000 години.