Тешко, исклучително тешко е на полето на енергенсите на светски план, а особено во Европа. Политиката притиска и тоа со право. Имено, според плановите, до 2035 година сè треба да е подготвено за забрана на употреба на фосилните горива како погон на возилата. Научна фантастика или реалност? Во моментов никој не знае.
Најпрво кратко да образложиме зошто пикот е ставен на фосилните горива? Едноставно, затоа што при нивното согорување се емитира опасниот за екосистемот гас CO2, кој природата веќе не може да го прими и издржи, реагирајќи со создавање на ефектот на стаклена градина. Да се пореметува природната рамнотежа и кружното движење на јаглеродот со впрскување нови, веќе заборавени количини на јаглерод извадени од утробата на Земјата, преку фосилните горива, е веќе проблем пред кој не може да се затворат очите.
Дали решение се возилата на електричен погон? Површно гледано одговорот е позитивен, но ако подлабоко се размисли ќе исплива еден засега нерешлив проблем – брзината на полнење на батериите на возилата со електрична енергија. Таа брзина е многу мала во моментов, заради малата моќност на електричната инфраструктура, а тоа ќе го забави целиот сообраќај и движењето на населението и стоките воопшто. И не е само тоа проблемот. И да е доволно моќна електричната инфраструктура (што за да се реализира се потребни текстонски поместувања во инфраструктурата) во овој момент нема доволно електрична енергија, што е лесно пресметлив и докажлив факт. Ова е веќе сериозен и нерешлив проблем.
Друго интересно решение за кое упорно се залага Германија се еко горивата (е-горива). Тие се CO2 неутрални и Германија не гледа логика за нивната забрана од Европската Комисија. За потсетување, забраната за фосилните горива треба да стапи на сила во 2035 година. Овој момент/вистина таа го форсира во Европската комисија до момент на уцена, т.е. вето. Исто така, забраната за некористење на фосилните горива од 2035-та година е спорна и за Италија, Полска и Унгарија, иако оваа забрана веќе го има поминато филтерот во Европскиот парламент. Како ќе се разреши ситуацијата во овој момент е нејасно. Од економски причини Италија, Полска и Унгарија се против оваа забрана која кај нив би внела тектонски пореметувања на полето на енергетиката, коишто тие сметаат дека не ќе можат да ги издржат, додека Германија е потолерантна и бара само гаранција дека е-горивата ќе бидат изземени од оваа одлука.
Што се е-горива? Тоа се горива од добиени обновливи извори на енергија. Во нив спаѓаат и CO2 неутралните горива кои се добиваат со хемиска синтеза на водорот и јаглерод. Каде лежи клучот во CO2 неутралноста? Водородот се добива со електролиза на чистата вода. Како енергија се користи електричната енергија добиена од обновливи извори на енергија (термални извори на вода (топлина), ветер, сонце, морски бранови, ...). Потоа, од атмосферата се зема затечениот јаглерод кој со хемиска синтеза се спојува со водородот во долги јаглеводородни низи кои се, всушност, бензин или дизел гориво.
Како и секогаш, политиката ќе го има последниот збор.