Источна Африка е многу посува од другите тропски копнени региони, вклучувајќи ги и дождовните шуми Амазон и Конго. Отсекогаш се сметало дека релјефот на Источна Африка го прави регионот сув и подложен на суши, но прецизниот механизам за оваа состојба досега не беше познат. Едно ново истражување покажува дека речните долини што се простираат од исток кон запад се клучен фактор за нискиот обем на годишни врнежи.
Д-р Калум Мундеј, од програмата REACH при Смит школата во Оксфорд, кој ја водел студијата, објаснува: „Во нормални услови, кога велиме долини и вода, мислиме на реки што течат по земјата. Во Источна Африка, длабоките долини, како што е долината Туркана, канализираат силни ветрови и создаваат невидливи реки на небото. Овие невидливи реки носат милиони тони водена пареа, кои се клучната состојка за врнежите“.
Тимот, кој претходно отпатувал во Кенија за да ги измери „невидливите реки“ со метеоролошки балони, сакал да утврди како долините влијаат врз климата на цела Африка. За да го остварат ова, тие осмислиле серија експерименти со модели на кои вршеле промена во географијата на системот од длабоки долини со прогресивно полнење на речните канали.
Експериментите покажале дека долините влијаат на климата на континентално ниво. Количината на врнежи не може да е насекаде иста, но долините помагаат количинта на врнежи да биде повисока во сливот на Конго, додека Источна Африка останува подложна на суша.
Преглед на експериментите со модели. Слика: Nature (2023). DOI: 10.1038/s41586-022-05662-5
Разбирањето на климатската “размена” во врнежите помеѓу различни региони на континентално ниво може да ни помогне да ја подобриме нашата способност да ги предвидиме идните модели на врнежи низ Африка, велат авторите. Ова е особено важно со оглед на политичките импликации од промената на климата ширум Африка. Исто така, басенот на Конго претставува клучно жариште на биолошката разновидност и место каде се впива значителна количина јаглерод од атмосферата.
Рогот на Африка, кој се наоѓа источно од долините во моментов ја доживува својата најдолга и најтешка суша досега. Иако долините не влијаат на варијабилноста на врнежите од година во година, научниците забележуваат дека “долините ја прават Источна Африка многу поподложна на суша преку создавање на амбиент каде врнежите од старт се невообичаено ниски“.
На подолги временски периоди, експериментите може да помогнат да се објаснат и еколошките притисоци со кои се соочувале нашите најрани предци хоминини пред милиони години.
Според д-р Мундеј, „Сушите и проширувањето на екосистемите од типот на савана во текот на милиони години се смета за клучен фактор во еволуцијата на раните видови хоминини, што доведува до адаптации како што е бипедализмот (одењето на две нозе). Експериментите на моделот покажуваат дека формирањето на долините и поврзаното сушење е веројатно механизмот што можел да создаде услови за оваа експанзија на саваната“.
Трудот е објавен деновиве во списанието Nature.