70 години од откритието на биохемичарите Џејмс Вотсон и Френсис Крик за структурата и репродуктивните модалитети на ДНК
Пред 70 години, биохемичарите Џејмс Вотсон (1928) и Френсис Крик (1916-2004) од лабораторијата Кевендиш во Кембриџ, први ја предвидоа структурата на нашата ДНК. Но, малкумина знаат дека ова откритие се оствари благодарение на силното ривалство, но и со прибегнување кон понекое лукавство...
Неколку дена по првото откритие, на 7 март 1953 година Џејмс Вотсон и Френсис Крик го направија моделот од жица и картон што влезе во историјата – се работи за првата претстава на структурата на ДНК, едно од епохалните откритија на биологијата во дваесеттиот век. Брилијантното дуо го сочинуваа американскиот биохемичар Вотсон (23) и англискиот молекуларен биолог Крик (35). Се запознале кон крајот на 1951 година на Катедрата за физика на Универзитетот во Кембриџ. Едниот бил задолжен за проучување на миоглобинот, а другиот хемоглобинот, но обајцата ги интересирала структурата на ДНК и сакале да ја дознаат по секоја цена.
Џејмс Вотсон (1928) и Френсис Крик (1916-2004) во 1953 година го создаваат својот прв модел на структурата на ДНК. (фото: Википедија)
Токму овој силен заеднички интерес ги направи победнички тим, со малку заеднички особини, коишто Крик на шега ги резимирал на следниов начин: младешка ароганција, немилосрдност, нетрпеливост. Обајцата биле и восхитени еден од друг и критички насторени еден кон друг. Во неговото дело “Двојната спирала” (1968 г.), кое го опишува патот до откритието, Вотсон пишува дека, колегата го третирал како помал брат и дека не бил нималку скромен.
На откривањето на структурата на ДНК требало да соработуваат со двајца колеги од Кралскиот колеџ во Лондон: Розалинд Френклин, пионер биохемичар во доменот на рендген-кристалографијата и Морис Вилкинс, молекуларен биолог кој на неговата колешка гледал само како на асистент, поради што Розалинд претпочитала да работи сама. Френклин и Вилкинс извршиле бројни експерименти, што ги забавило во трката за откритието. За разлика од тоа, за да ги убрзаат работите (но и за да стигнат до откритието пред нивните колеги), Крик и Вотсон кои се послужиле со податоците од еден несигурен извештај од Френклин, без притоа да ја предупредат. Тие, исто така, искористиле и рендгенска снимка, т.н. Фотографија 51, којашто Вилкинс им ја покажал во доверба. Овие потези и брилијантната интуиција ги довеле до победа.
Во 1962 година Крик и Вотсон беа наградени со Нобеловата медицина, која ја делат заедно со Вилкинс, но во заслугите за откритието не била вклучена и Френклин, која починала во 1958 година на 37-годишна возраст. Сепак, Крик ѝ оддал признание за нејзиниот придонес во откритието.
По откритието, дуото Крик-Вотсон тргнало по различни кариерни патишта, но продолжиле да го одржуваат своето пријателство.
Првиот модел на структурата на ДНК изработен од Крик и Вотсон денес е изложен во Научниот музеј во Лондон (фото: Википедија)