„Биокомпјутер“ што ќе работи на човечки мозочни клетки можеби ќе стане реалност уште во текот на нашиот живот, велат истражувачите од Универзитетот Џон Хопкинс кои очекуваат овој тип на технологија експоненцијално да ги прошири можностите на современите компјутери и да создаде нови полиња на студии. Тимот ја опиша нивната визија за „органоидна интелигенција“ денес во научното списание Frontiers in Science.
Речиси две децении, научниците користат ситни органоиди, ткиво израснато во лабораторија што личи на целосно израснати органи, за да експериментираат на бубрези, бели дробови и на други органи без да има потреба од вклучување на луѓе или животни во тестирањата. Неодамна, истражувачите од универзитетот Џонс Хопкинс работеле со мозочни органоиди, топчести структури со големина на точка, кои поседуваат со неврони и други карактеристики кои покажуваат знаци дека би можеле да ги задржат основните функции како учење и паметење. Истражувањето дава можност за етичко проучување на начинот на којшто функционира човековиот мозок.
Тимот започнал со растење на мозочни клетки и нивно претворање во функционални органоиди во 2012 година, при што биле користени клетки од примероци од човечка кожа што биле репрограмирани во состојба слична на ембрионски матични клетки. Секој од органоидите содржи околу 50 000 клетки, со големина на нервен систем од мушичка. Сега се замислува и изградба на футуристички компјутер со такви мозочни органоиди.
Архитектура на систем од ОИ (органоидна интелигенција) за био-компјутинг Фото: Универзитет Џон Хопкинс
Компјутерите што би работеле на ваков „биолошки хардвер“ би можеле веќе во следната деценија да почнат да ја ублажуваат потрошувачката на енергија на суперкомпјутерите, кои со сегашниот концепт на градба стануваат сè понеодржливи. Иако компјутерите ги вршат пресметките кои вклучуваат бројки и податоци побрзо од луѓето, мозоците се многу подоверливи кога е во прашање донесувањето на сложени логички одлуки, како што е на пример, правење разлика помеѓу куче и мачка.
Можеби ќе бидат потребни децении пред органоидната интелигенција да напојува систем со интелигенција на глушец, но со зголемување на производството на мозочни органоиди и нивно тренирање со вештачка интелигенција, тимот предвидува иднина каде што биокомпјутерите поддржуваат супериорна брзина на пресметување, моќ на обработка, ефикасност на податоците и способности за складирање.
Органоидната интелигенција, исто така, би можела да го револуционизира истражувањето за тестирање на лекови за невроразвојни нарушувања и невродегенерација.
За да се проценат етичките импликации од работата со органоидна интелигенција, во склоп на научниот тим работат повеќе научници од разни области меѓу кои и биоетичари, како и членови на јавноста.