Откако мошне брзо по прогласувањето на пандемијата, во март 2020 година научниците побрзаа да кажат дека вирусот нема лабораториско потекло (види тука), две години подоцна ситуацијата се чини дека се менува. Пандемијата од ковид веројатно беше предизвикана со случајно истекување на вирусен материјал од лабораторија, се тврди во извештајот на американското Министерство за енергетика, којшто, сепак, се заснова на (ахем) „слаби докази“, јавува Wall Street Journal кој добил пристап до документот.
Дури и ако заклучокот не се согласува со оние на многу други американски разузнавачки извори и не го следи официјалниот став на американската влада, која сè уште е мошне внимателна на оваа тема, разбирливо е дека веста предизвикува лавина од реакции преку барата.
Одделот кој го објави извештајот, покрај тоа што се занимава со енергетска и нуклеарна безбедност, ја надгледува активноста на 17 научни лаборатории, од кои некои се занимаваат со истражувања во областа на напредната биологија, што ја објаснува релевантноста за истрагите за потеклото на ковид.
Претходно, Министерството за енергетика имаше неутрална позиција по прашањето за почетокот на пандемијата, наведувајќи дека не поседува елементи што би овозможиле со сигурност да се реконструира начинот на којшто се развил вирусот. Промената во ставот доаѓа од ажурирањето на доверливиот извештај од 2021 година од директорот на Канцеларијата на националното разузнавање Аврил Хејнс, заснован на „нови разузнавачки информации, дополнителни истражувања на научната литература и консултации со невладини експерти“.
Сепак, според самиот Вол Стрит Журнал, Министерството за енергетика го поддржува ова ново ажурирање со низок степен на сигурност, израз кој, како што објаснува CNN, често се среќава при откривање на информации од разузнавачки извештаи и којшто значи дека добиените информации не се доволно веродостојни, или се премногу фрагментирани, што ја ограничува можноста да се дојде до одредени издржани заклучоци. Понатаму, иако Министерството за енергетика го сподели својот заклучок со различни разузнавачки агенции, ниту една од нив не ги промени своите заклучоци по разгледување на информациите од новата истрага, на што се гледа како на понатамошен знак дека доказите од извештајот почиваат на слаби информации. (Е, сега, кому тука би верувале, не знаеме)
Хипотезата за лабораториски избеган вирус (SARS-CoV-2) беше дефинирана како многу неверојатна од СЗО по истрагите на нејзините експерти во Кина, во Вухан, каде што беа забележани првите случаи на ковид во ноември 2019 година. Други високо акредитирани научни студии објавени минатото лето во престижното списание Science собраа докази дефинирани како „надвор од разумно сомневање“ за фактот дека „пазарот на морска храна Хуанан“, пазарот за риби во Вухан, беше првиот епицентар на ширењето на ковид-19 , како и местото каде што коронавирусот SARS-CoV-2 направил транзиција на видови, од животни на луѓе.
Но, заклучоците од студијата на СЗО не задоволија многу од западните набљудувачи, особено во САД, кои ја обвинија Кина дека ја попречила истрагата. Самата СЗО се откажа од спроведувањето на проектите од втората фаза за истражување на потеклото на вирусот, поради ограничениот пристап до доказите собрани во Кина. Засега, различните разузнавачки агенции на Соединетите Американски Држави остануваат поделени за почетокот на пандемијата.