Не е за сè крива топлината под јорганот, ниту мрзеливоста. Ако во изминатите недели ви се потребни и четири (курдисани) будилници за да ве кренат од кревет, не грижете се – науката е на ваша страна. Имено, иако ако луѓето не хибернираат во зима, се чини дека сепак во студените месеци имаат потреба од дополнителен сон. Ова се заклучоците од анализата што неодамна беше објавена во Frontiers in Neuroscience.
Теоретски, намалувањето на бројот на часови исполнети со дневна светлина и промената на температурите би требало да влијаат на ритамот на спиење и будење, но... Задолжителниот дневен ритам на одење на работа и училиште, престојот во нашите добро осветлени и загреани станови, чини овие ефекти многу тешко да се забележат. Па затоа истражувачите од Медицинскиот универзитет Шарите од Берлин одлучија внимателно да ги проучат моделите на спиење на луѓето кои, поради различни нарушувања, биле подложени на полисомнографија. Во пракса тие спиеле во лабораторија, без поставување на будилник при што била следена нивната мозочна активност.
Од вкупно 292 пациенти третирани во болницата Сент Хедвиг во Берлин, по исклучувањето на оние кои земале лекови за спиење, по тестовите со технички абнормалности и луѓето кои ја скокале РЕМ фазата од сонот, за анализата биле земени предвид резултатите од остананатите188 пациенти, што биле собрани во различни месеци од годината. Научниците сфатиле дека кај пациентите чијшто сон бил следен во зима, РЕМ фазата од сонот ( којашто е придружена со брзо движење на очите, изменета срцева активност, неправилно дишење и соништа) траела во просек 30 минути подолго.
Бидејќи времетраењето на РЕМ фазата од спиењето е директно поврзано со дневно-ноќниот ритам (нашиот внатрешен часовник), којшто пак е диктиран од природната светлина, сосема веројатно е дека природно ни треба малку подолг сон во зима. Освен тоа, сите учесници во студијата живееле во градска средина, со типичен градски ритам на живот и изложеност на вештачко осветлување. Дури и во оваа неприродна ситуација и кај луѓето со пореметување на сонот, се чини дека зимата диктира подолг РЕМ сон, додека на есен, како што укажува студијата, имаме пократок длабок сон.
Научниците најавуваат дека ќе го повторат истражувањето со луѓе кои не страдаат од нарушувања во спиењето, па се очекува набљудуваниот ефект во оваа група да биде поизразен. Но, во меѓувреме резултатите укачуваат дека би било добро да се задоволи оваа потреба на телото, макар и само со поместување на времето кога одите на спиење.
Како што истакнуваат авторите „Во зима, човечката физиологија има намалена регулацијана, прoследена со чувство на „речиси празни батерии“ што вообичаено се јавува во февруари или март. Општествата генерално треба да ги приспособат навиките за спиење на сезоната или да ги приспособат училишните или работните рутини во зависност од потребите за спиење,” додека чекаме да ни се врати пролетта.