Сеизмичките бранови патуваат поинаку низ највнатрешното јадро отколку низ надворешниот дел. Реверберацијата од сеизмичките бранови додека се одбивале напред-назад низ центарот на Земјата откри нови детали за структурата на внатрешното јадро на нашата планетата, вели неодамна објавената студија во Nature Communications, известува Nature.
Веќе неколку децении наназад сè поголем број докази укажуваат на тоа дека цврстото внатрешно јадро на планетата се состои од различни слоеви, но засега нивните својства останануват мистериозни.
За да ја разберат подобро структурата на внатрешното јадро, истражувачите користеле повеќе сеизмометри за да го испитаат изобличувањето на сеизмичките бранови додека минуваат низ цврстата топка од железо и никел сместена во срцето на Земјата. Како што укажува и еден од коавторите на студијата Хрвоје Ткалчиќ, инаку геофизичар при Австралискиот национален универзитет во Канбера, „Земјата осцилира како ѕвоно по голем земјотрес, и тоа не со часови, туку со денови“ по настанот.
За да ги откријат овие осцилации, истражувачите ги снимиле брановите форми блиску до првобитното место на земјотресот и на неговиот антипод (локација којашто е директно спротивно поставена на површината на Земјата). Ова им овозможило да ги набљудуваат повеќекратните патувања низ центарот на Земјата. На секој од реверберациските одеци им се потребни околу дваесетина минути за да премине од едната до другата страна на планетата, а сеизмометрите забележауваат до пет одбивања при еден настан.
Секој од првичните земјотреси достигна јачина поголема од шест степени, но брановите прогресивно слабееле додека минувале низ јадрото на Земјата. Истражувачите се служеле со техниката на “трупање/сложување“ (stacking), при којашто брановите форми од еден настан се комбинираат за да се добие подетална слика за изобличувањето од највнатрешното јадро.
Било откриено дека брановите патуваат поинаку низ највнатрешниот дел од внатрешно јадро, за коешто научниците претпоставувиле дека е дебело околу 650 километри, отколку низ надворешниот дел. Брановите што минуваат низ највнатрешниот дел од јадрото успорувале во една насока, додека брановите што минуваат низ надворешниот слој се забавувале во друга насока. Според Ткалчиќ ова значи дека “железните кристали, од железото, кое е доминантно во внатрешното јадро, веројатно се организирани на поинаков начин отколку во надворешната обвивка на внатрешното јадро“.
Студијата е важна затоа што нуди мерења на највнатрешниот дел на Земјата што е многу тешко да се постигнат.
Најновото откритие ќе помогне во разбирањето на тоа како се формирало цврстото внатрешно јадро на Земјата, процес кој се смета дека започнал во периодот некаде помеѓу 600 милиони и 1,5 милијарди години, како и каква улога тоа можело да има во обликувањето на магнетното поле.