Сатурн е познат по своите прстени кои се највпечатливите во Сончевиот систем. Иако оваа планета е лоцирана во нашето соседство и иако неговите прстени се проучуваат многу одамна, сепак тие сè уште кријат многу тајни. Но, величествените прстени на Сатурн не се единствените што им задаваат главоболки на астрономите. Во Сончевиот систем има и прстенести системи што со своето постоење пркосат на досегашните сфаќања за нивно формирање...
“Има повеќе работи на небото и на земјата, Хорацио, отколку што сонуваат во твојата… астрономија”
Сатурн е познат по своите прстени кои се највпечатливите во Сончевиот систем. Но, иако Сатурн е во нашето релативно блиско соседство и иако неговите прстените се проучуваат многу одамна, сепак тие сè уште кријат многу тајни.
Во раните 1980-ти, мисијата Војаџер на НАСА за првпат ги откри минливите карактеристики на прстените на втората по големина планета на Сончевиот систем. Оттогаш до денес т.н. „шилци“ и „замаглувања“ во пристените ги збунуваат научниците. Сега, вселенскиот телескоп Хабл (да, благодариме на прашањето, телескопот е сè уште мошне функционален и се користи) објави слики кои го најавуваат почетокот на уште една „сезона на шилци“ за гасниот џин.
Поради накосената поставеност на Сатурн, оваа планета исто како и Земјата има четири годишни времиња. Рамноденицата на планетата се случува кога работ од нејзините прстени е насочен кон Сонцето. Шилците исчезнуваат во периодите околу летниот и зимскиот солистициум. 6 мај 2025 година ќе го означи почетокот на уште една есенска рамноденица на Сатурн, а научниците сметаат дека дотогаш шилците ќе стануваат сè поизразени.
Причината за „замаглувањата“ во прстените на Сатурн е непозната, но најверојатен кандидат за нивната појава е променливото магнетно поле на планетата. Се смета дека правливите, ледени честички во прстените на Сатурн веројатно се електризираат под дејство на магнетното поле, при што привремено се издигнуваат над поголемите објекти во прстените.
Слични процеси во кои планетарното магнетно поле ги електризира околните честички ја создаваат поларната светлина на Земјата.
Но величествените прстени на Сатурн не се единствените што им задаваат главоболки на астрономите. Имено во Сончевиот систем има и прстенести системи што со своето постоење пркосат на досегашните сфаќања за нивно формирање. За што се работи?
Неодамна астрономите открија нов систем од прстени околу џуџестата планета Квавар (Quaoar). Самото откритие на нов систем од планетарни прстени во Сонлевниот систем е неверојатно, но она што е уште поневеројатно е што системот од прстени орбитира околу планетата многу подалеку отколку што е тоа типично – дури седумпати подалеку од должината на радиусот на оваа џуџеста планета. Прстените на Сатурн, на пример, се наоѓаат оддалечени на растојание еквивалентно на три радиуси на Сатурн.
Нормално, материјалот што орбитира досега требал да еволуира во месечина, а не во систем на прстени.
Квавар има пречник од приближно 1100 километри, што е околу половина од големината на Плутон. Џуџестата планета беше откриена во 2002 година и покажува знаци на леден вулканизам. Веќе има придружник – месечината наречена Вејвот (Weywot), со пречник од 170 километри.
Истражувачите го пронајдоа прстенестиот систем служејќи се со методот на окултација. Имено, кога Квавар поминувал пред далечна ѕвезда, прстените малку ја затемниле светлината од ѕвездата. Откритието е направено со помош на најголемиот оптички телескоп во светот, Големиот Канарски телескоп (Gran Telescopio Canarias) сместен на Ла Палма, најсеверозападниот остров од групацијата на Канарските Острови.
Резултатите од откритието се објавени во Nature.