Ветерните турбини се составен дел од нашата иднина за производство на обновлива енергија, но тие доаѓаат со една голема маана – масивните лопатки од елисните турбини честопати завршуваат во депонии на крајот од нивниот животен век, каде остануваат на неодредено време. Се работи за страшен недостаток во однос на одржливоста, проблем чиешто решение треба да се изнајде што поскоро. Едно потенцијално решение би можела да ја “извади” оваа гранка анулирајќи го овој недостаток, а истовремено и да го отстрани веќе постоечкото акумулирано турбинско ѓубре ширум светот.
Најголемиот светски производител на турбини, Vestas Wind Systems A/S, во вторникот објави дека работи на развој на ново хемиско решение кое може да ја разложи епоксидната смола од лопатките на турбините во материјал што може да се рециклира и одново да се употреби. На овој начин старите епоксидни елиси од турбините би се претвориле од ѓубре во суровински извор. Штом оваа нова технологија излезе од лабораториските погони како применлива комерцијална технологија, тогаш сите постоечки и идни материјали за ветерните елиси ќе може да се расклопат и повторно да се користат. Ова би можело да значи почеток на нова ера во индустријата за ветерни турбини.
Сè досега не постоеше можност за ефикасно рециклирање на елисите од ветерните турбини и тие завршуваат закопани по депониите ширум светот.
Долготрајните хемиски својства на турбинските епоксидни смоли го отежнуваат нивното рециклирање, факт што виси како голем проблем над секторот за производство на енергијата од ветер. Во објавата од Вестас се објаснува дека првите турбини на многу од зрелите пазари веќе го достигнале крајот на нивниот работен век. Индустрискиот аналитичар Wind Europe неодамна процени дека до 2025 година, на годишно ниво од употреба ќе се повлекуваат околу 25 000 тони елиси од ветерните турбини.
Но, имплементацијата на новото хемиско решение теоретски би можело целосно да го надмине овој проблем, а истовремено да се погрижи за заостанатите нерециклирани остатоци од елиси закопани по депониите. Новиот хемиски процес се потпира на веќе широко достапни состојки, ветува лесен премин во негова употреба, а целиот процес би можел и да се скалира по потреба. Што е уште поинтересно, решението наскоро би можело да се примени за сите композитни материјали на епоксидна база и во огромен број други индустриски гранки.
Пробивот на Вестас е остварен во соработка со Универзитетот Архус, Данскиот технолошки институт, како и поширока соработка во индустрискиот и научниот сектор што работи на остварување на одржлива технологија за изработка на елисите од ветерните турбини.