Рубрика: Информатика
Битка на вештачка интелигенција – Google го претстави соперникот на ChatGPT
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 07.02.2023 - 14:15

Мотивирани од големиот успех на четботот ChatGPT, но и стравот како таква алатка може да влијае на нивниот пребарувач и на целиот бизнис модел, Google објавија дека наскоро ќе претстават свој чет-бот базиран на вештачка интелигенција. Објавено - направено! Тие вчера го претставија четботот Bard.

Четботот го претстави извршниот директор на компанијата, Сундар Пичаи, а набргу ќе дознаеме и кои се специфичните можности на четботот на Google. Имено, првично Bard е отворен за тестирање само за луѓето во кругот на доверба на Google, додека за јавноста ќе стане достапен во наредните недели.

Bard, како и ChatGPT, беше развиен со големиот јазичен модел на Google LaMDA, кој беше обучен за огромна количина на податоци врз основа на кои дава одговори на корисничките прашања. Бард го комбинира светското знаење со моќта, интелигенцијата и креативноста на големите јазични модели. Четботот повлекува информации од Интернет за да обезбеди свежи и квалитетни одговори, објави Пичаи.

Според Гугл, можностите на Бард се екстремно големи и овој четбот може да се користи за речиси сè – од планирање на забава и избор на подарок за повојница, преку понуда на рецепти што се засноваат врз она што во моментот го имате во фрижидерот, па до споредување на филмови номинирани за Оскар.

Тимот од Google префрли ресурси од некои други проекти за развојот на Bard и вештачката интелигенција, и ќе продолжи со нејзиниот развој и усовршување со цел да им обезбеди на корисниците уште подобри и поквалитетни одговори. Нивните планови поврзани со вештачката интелигенција не се однесуваат само на четботот, а Пичаи најави дека наскоро можеме да очекуваме алатки и опции базирани на вештачка интелигенција кои ќе бидат интегрирани во самиот пребарувач, што целосно ќе го промени начинот на пребарување на Интернет.

Но, овој начин на пребарување крие и бројни опасности. Имено, бидејќи вештачката интелигенција била обучена со податоци од Интернет, јасно е дека меѓу овие информации може да се најдат и лажни вести, написи со нагласена пристрасност и предрасуди итн, за што предупредуваат многу експерти, бидејќи со нивно користење вештачката интелигенција може да даде погрешни одговори и да биде одговорна за ширење лажни вести.

Затоа е од големо значење, нагласи Пичаи, и јасно е дека неговата компанија ќе инсистира на тоа, технологијата да се развива на одговорен начин, за да продолжи да им обезбедува на корисниците само точни податоци, без каква било пристрасност и лажни вести.

Клучни зборови: