Кометата која е актуелна деновиве се вика C/2022 E3 (ZTF) и благодарение на лошата интерпретација во медиумите и порталите предизвика бура во јавноста во очекување дека ќе има спектакл на небото. Кометата е тип на долготрајна комета на која и се потребни неколку десетици илјади години за да направи еден круг околу Сонцето. Ваквите комети се ретки, но не толку ретки како што се претставени во медиумите.
Композитна фотографија од кометата C/2022 E3 (ZTF) Фотографијата е преземена од Sky&Telescope
Кометите се мали тела во Сончевиот систем со пречник од само неколку километри. Но, кога ќе се доближат до Сонцето, сончевиот ветер почнува да ги загрева и испарливите материи од внатрешноста на кометата почнуваат да испаруваат при што се ослободуваат гасови и мали зрна прашина и карпест материјал од кометата. Така, прво се формира комата, а потоа и опашката на кометата, кои секогаш се протегаат во спротивна насока од Сонцето. Иако самата комета е голема само неколку километри, должината на опашката од кометата се мери во стотици илјади и милиони километри, па лесно можеме да ги видиме од Земјата.
Кометата C/2022 E3 (ZTF) утре ќе биде најблиску до нашата планета, па затоа треба да може и најдобро да се види, но тоа не е клучен фактор. На видливоста влијаат многу услови, меѓу кои и дали Месечината е на небото и во која фаза, а за жал тоа не ни оди во прилог, бидејќи Месечината е речиси полна. Кометата ќе биде видлива во следните 10-15 дена, но нејзината осветленост ќе се намалува.
Кометата C/2022 E3 (ZTF) над планината-вулкан Етна. Фотографијата е преземена од Astronomy Picture Of the Day
Единственото нешто навистина интересно за оваа комета е нејзината орбита, која ни овозможува да ја гледаме во текот на целата ноќ. Деновиве е оддалечена помалку од 10 степени од Северницата и ако сте на потемна локација и имате барем двоглед, или уште подобро телескоп, ќе можете да ја видите кометата и нејзината опашка.
За жал, деновиве е облачно, па немавме можност за набљудување. Има најави за разведрување ноќта на 1-ви кон 2-ри февруари. Ако тоа се случи, ќе се обидеме да ги извадиме нашите телескопи и да ја поканиме јавноста и секој што може да дојде да ја види кометата. За да бидете во тек со настаните следете ја Фејсбук страницата на Скопското астрономско друштво, каде ќе биде објавено известување со упатства за тоа кога и каде треба да дојдете и што треба да знаете пред да одите на дадената локација.
Скопско астрономско друштво