Превозот на опасни товари отсекогаш бил исполнет со предизвици и опасности, а примери за несреќи при превозот на чувствителен товар има во изобилство – сè уште е свежа несреќата на вагонот со амонијак што неодамна се преврте во близина на Пирот во Србија. Но што ако изгубениот опасен товар е мошне ситен и не може да се лоцира така лесно. Мала и смртоносна радиоактивна капсула беше изгубена (а денес и пронајдена) во австралиската пустина. Што содржи таа, која е нејзината намена и како воопшто се случи таа да заврши на улица?
Радиоактивната капсула беше пријавена како “исчезната” пред една недела, на 25 јануари, а денес 1 февруари австралиските власти конечно објавија дека радиоактивниот објект е пронајден. Малиот контејнер со цезиум-137 бил пронајден во близина на местото наречено Њуман на неколку метри од патот. Се чини дека не се поместил многу откако паднал. По откритието властите веднаш формирале безбедносна зона со пречник од 20 метри од објектот. Капсулата била идентификувана од специјализирано возило кое се движело со 70 километри на час и кое го фатило нејзиното зрачење.
Радиоактивната капсула помала од еден евроцент се изгубила за време на транспортот од рудник во Австралија во градот Перт, а веќе неколку дена на овој патен коридор се одвиваше потрага од голем размер. Но, колку е опасна оваа капсула и која е нејзината намена?
Капсулата од мерниот инструмент иако е мала по димензии сепак е извонредно опасна
Капсулата со пречник од 6 милиметри и должина од 8 милиметри, била дел од уред кој служи за мерење на густината на железото и вообичаено се користи во рударските операции. Содржи мала количина цезиум-137, радиоактивен изотоп на металот цезиум, нуспроизвод од нуклеарната фисија на ураниум кој исто така се користи за калибрирање на инструменти за мерење на радијацијата. Емитира бета и гама зраци, односно јонизирачко зрачење, кое може да ја промени структурата на ДНК и клеточната средина, зголемувајќи го ризикот од развој на рак. Има ниво на радиоактивност еквивалентно на она на кое би биле изложени доколку направиме 10 рендгенски снимки за еден час.
Се претпоставува дека капсулата паднала од комбе што ја превезувало од рудникот за железна руда Гудаи-Дари, управуван од групацијата Рио Тинто во северозападна Австралија, до складиште во близина на градот Перт на југозападниот брег. Патувањето долго 1400 километри се одвива низ пустина и територија со постојан ветер, што можеби ја турнал капсулата а можел и да ја однесе дури и многу подалеку од местото каде што таа паднала. Мерачот од којшто капсулата се откачија бил носен на поправка, а транспортот го презел курир специјализиран за оваа работа. Па, како се случило таа сепак да се изгуби?
Патот долг 1400 километри беше стрпливо "чешлан" во потрага по изгубениот смртоносен дел од товарот
Според властите кои ја пребаруваа огромната област со гајгерови броила, електронски инструменти што се користат за мерење на јонизирачкото зрачење, вибрациите на камионот што се движел на патот веројатно го оштетиле контејнерот во кој се чувала капсулата, олабавувајќи му ги завртките. Ситниот предмет тогаш излезгол од дупката во која претходно била вметната завртката и оттаму падал на патот.
Времето кога се случила несреќата дополнително ги искомплицира работите. Имено, капсулата тргнала на пат на 12 јануари за да пристигне на дестинацијата 4 дена подоцна. Но, дури на 25 јануари пакетот со пратката бил отворен и проверен, по што било воочено дека капсулата ја нема.
По лоцирањето на капсулата околу неа беднаш бил обележан безбедносен појас со пречник од 20 метри
Со оглед на тоа што не се знае точниот момент кога капсулата се откачила и паднала на коловозот, се стравува дека во периодот откако таа испаднала до моментот кога била дадена узбуна, капсулата можела да се заглави во гумата на некој од автомобилите што патувале на таа рута, изложувајќи ги патниците на високо ниво на радијација. Имено, блиската изложеност до објектот може да предизвика изгореници од јонизирачко зрачење, оштетување на ткивото и други сериозни здравствени проблеми – со само неколку моменти поминати во близина на капсулата добивате количина зрачење еквивалентна на природната радиоактивност од кој било друг неопасен еколошки извор во текот на цела една година.
Како мисловен експеримент да замислиме дека вакво нешто се случило кај нас? Дали и кога би дознале за настанот и дали воопшто некој би се потрудил да го бара објектот?