Според едно опфатно испитување речиси 70% од истражувачите кои работат ширум Европа велат дека во изминатите три години биле дел од проекти во кои како автори се наведуваат и нивни колеги кои не придонеле доволно во работата. Истражувањето истовремено го покрена прашањето дали истражувачите во САД ја потценуваат распространетоста на „сомнителни истражувачки практики“ (СИП).
Меѓународното Испитување за интегритет во истражувањето (International Research Integrity Survey – IRIS) спроведе анкета помеѓу околу 47 000 истражувачи кои работат во Европа и во САД за нивното искуство во врска со осум СИП, вклучително и несоодветно изработена рецензија на трудот; намерно непријавување на контрадикторни наоди; недостаток на надзор на помладите колеги; и спроведување на истражување кое не добило етичко одобрение. Несоодветното авторство, односно припишувањето дел од авторството на луѓе кои не придонеле соодветно за научниот труд, била една од најчестите СИП со којашто испитаниците се сретнале.
Според анкетата сумирана во трудот достапен на предпринт серверите од крајот на октомври минатата година, околу 69% од истражувачите кои работат во Европа и приближно 55% од нивните колеги во САД изјавиле дека се свесни дека како коавтори биле наведени колеги кои не придонеле доволно за истражувањето.
Несоодветно изведената рецензија и слабиот надзор биле втори на листата од најчести СИП. Имено, нешто помалку од 54% од авторите во Европа и речиси 50% од испитаниците во САД сметале дека проектите на кои работеле не добиле темелно спроведена рецензија. Повеќе од 56% од американските истражувачи, пак, пријавиле несоодветен надзор, наспроти 49% од оние во Европа.
Одговорите на анкетата биле добиени од истражувачи од широк спектар на области, вклучувајќи ги подеднакво природните, општествените и хуманистичките науки. Примерокот потоа е пондериран за да биде репрезентативен за демографијата на истражувачите со авторски трудови индексирани во базата на податоци Web of Science, во сопственост на аналитичката компанија Clarivate.
Истражувањето е дел од четиригодишниот проект Стандардни оперативни процедури за истражувачки интегритет, финансиран од Европската комисија, со цел е да обезбеди бесплатен и лесен за употреба алатник за финансиерите на истражувањата и за институциите за промовирање на интегритет во истражувањата.
Иако во анкетата немало прашање за тоа дали истражувачите сметаат дека незаслуженото вклучување во авторството било направено како награда или услуга, практика позната како подарено авторство, загриженоста околу оваа практика се зголеми последниве години. Во една анкета спроведена во декември (2022 г.) помеѓу повеќе од 500 истражувачи, повеќето од кои работеле во Австралија, 47% од испитаниците изјавиле дека биле засегнати од СИП, наспроти резултатите од 2019 година кога 38% од истиот басен на автори изразиле дека биле засегнати од СИП. Студијата од 2022 година покажа дека најчести СИП биле вклучувањето или нарачката на авторство, при што 49% од учесниците изјавиле дека биле под притисок да вклучат или да исклучат одредени автори во потписот на нивниот труд.
Незаслуженото авторство е најчесто пријавена СИП бидејќи истражувачите можеле да бидат вклучени во практиката без притоа да бидат виновни за тоа.Постарите автори, на пример, може да одлучат кој ќе влезе во списокот на автори без притоа да се консултираат со помладите колеги.Сосема е веројатно дека ова се случува поради тоа што не постои консензус или стандардизирана дефиниција за тоа што точно претставува соодветен или прифатлив придонес во еден труд. Дополнително, можни се несогласувања во лабораториските групи и помеѓу колегите околу тоа кој сè треба да биде вклучен во авторскиот список. Имено, добар дел од пријавите на подарено авторство можеби се должат на различните перспективи за тоа што значи да се биде потписник на еден научен труд
Анкетата во врска со СИП од 2021 година, во која учествувале речиси 7000 истражувачи кои работат во Холандија, покажала дека повеќе од половина од нив мошне често биле вмешани во СИП, додека 8% од испитаниците признале дека фалсификувале или фабрикувале податоци во изминатите три години.
Иако IRIS вклучи само околу 2300 истражувачи кои работат во САД, резултатите укажуваат дека американските и европските истражувачи се разликуваат во нивните перцепции за справување со интегритетот на истражувањето: 74% од испитаниците кои работат во САД биле мошне уверени дека ги исполнуваат стандардите за висок интегритет, наспроти 52 % истражувачите кои работат во Европа.
Околу 40% од истражувачите во САД, пак, велат дека имаат целосна доверба или голема доверба во способноста на нивната организација да одржува соодветни стандарди на истражување. Меѓу испитаниците во Европа, овој процент паднал на 34%. 22% од испитаниците во САД изјавиле дека едвај имаат или дека немаат доверба во нивната институција за одржување на високо ниво на интегритет во истражувањето, наспроти 29% од истражувачи кои работат во Европа кои ја искажале истата недоверба.
Не е сосема јасно дали овие резултати значат дека во глобала СИП се поретки во САД отколку во Европа, или пак дека резултатите се должат на различната американска истражувачка култура која значи дека има помала веројатност за СИП да бидат пријавени.
Едно од решенијата за подобрување на состојбата е, на пример, списанијата да наложуваат изјави за авторски придонес, нешто што е веќе практика кај некои издавачи. Имено, на овој начин истражувачите кои сакаат да подарат авторство би биле принудени да го покријат незаслуженото, лажно авторство подетално во нивните изјави, па овој чин би делувал одбивно за добар дел нив.