Театарот како прв и најстар медиум денеска благодарение на технологијата сè уште е во фокусот на човечката културна посветеност. Технолошките достигнувања, особено во аудиовизуелните сфери, овозможија нов пристап кон визуелизација на човечката фантазија. Сценографијата ја прошири својата „димензија“ и видео проекцијата денеска е неизбежен сегмент од секое аудиовизуелно дело. Видеопродукцијата веќе не претставува само изработка на слика во две димензии, сценската проекција врз сценските елементи ја прикажува и нејзината трета димензија. Перцепцијата на гледачите не се фокусира само на актерската игра – сценската акција има нов рамноправен член, проекцијата. Оттука произлезе и потребата за едно своевидно “упатство за користење” на техниката со којашто видеопроекцијата се вклопува во сценската изведба, а “Основи на сценската проекција” од м-р Милчо Узунов е токму едно такво дело.
Со “Основи на сценската проекција” добивме пресек на основните знаења што треба да ги поседува секој што се бави со вклопување на видеопроекцијата во сценската изведба.
Веднаш по Воведот, во поглавјето Видео проектори авторот најнапред нè носи на Почетоците на филмот, за потоа искусно да продолжи да ги објаснува поимите и процесите на Видео технологијата, па преку појаснување на Технологијата на видео проектори да премине на објаснување на процесот на Проекција на слика и на крајот од ова поглавје посветено на видео ефектите да стане збор за Продукција на слика за проектирање.
Поглавјето "Аудио" е посветено на улогата на звукот во сценската игра. Оттаму сосема природно тоа е поделено на два дела – 'Аудио сигнали', посветен на обработката, и 'Аудио формати', посветен на репродукцијата на аудиото. Со четвртото поглавје Узунов веќе навлегува во практиката – говорејќи за методите на "Сценско мапирање" – 'Нативна метода на мапирање', 'Софтверска метода за мапирање' и 'Комбинирана метода за мапирање', за потоа со следното поглавје да го продлабочи овој практичен сегмент со "Сценско водење (реализација) на 3Д мапирањето", давајќи увид во 'Подготовките за реализација' и "светото тројство" на 'Композиција, составување, проба'.
Делото е заокружено со "Анализи на мултимедијални изведби и изведби со 3Д мапирање", каде што се презентираат и анализираат проектите "3327 Никола Тесла" и "Сината Птица", кои авторот самиот успешно ги реализирал во неговиот сегмент, при што видеопроекцијата како еден од клучните елементи во овие сценски изведби придонело за успехот на поставувањето на самото сценско дело.
Книгата “Основи на сценската проекција” од м-р Милчо Узунов доаѓа “спакувана” на 196 страници, во Б5 формат, а сите заинтересирани може да ја набават од е-продавницата на ЕМИТЕР тука, по цена од 400 денари.