Едно истражување за мозокот на T. rex открива дека тие не биле толку глупави како што мислевме – нивната интелигенција била слична на онаа на модерните примати.
Кога за некого ќе се каже дека има “птичји мозок” навредата инсинуира дека се работи за глупава и површна личност... и тоа нема смисла. Иако мозокот на птиците е навистина помал од оној на другите животни кои се сметаат за „интелигентни“,тие имаат многу поголема концентрација на неврони. Покрај ова, истражувањата за когнитивните способности на птиците спроведени последниве години открија дека тие се извонредно досетливи и паметни. Следејќи ја оваа претпоставка, Сузана Херкулано-Хаузел, невролог од Универзитетот Вандербилт во Нешвил, Тенеси, спровела истражување за “предците” на птиците –диносаурусите, при што открила дека животните како T. Rex и Алосаурус поседувале значително поголема интелигенција од онаа што им ја припишувавме досега. Студијата е објавена деновиве во Journal of Comparative Neurology.
Реконструкција на изгледот на глава од T. Rex во Природонаучниот музеј во Базел, Швајцарија. Фото: Н. Стојановска
Слично на птиците, и диносаурусите имале мал мозок, барем судејќи според големината на нивниот череп. Поради ова, но и поради неможноста директно да се проучува нивното однесување, со децении се претпоставуваше дека тие биле ограничени умствени способности. Можно ли е вистината да била сосема спротивна, дека нивниот мозок, всушност, бил пополнет со густа мрежа од неврони? Оваа можност не може директно да се потврди, со оглед на тоа што мекото ткиво не се фосилизира. Затоа Херкулано-Хаузел користела индиректен метод, споредувајќи ја големината на мозокот на тероподите (групата на диносауруси од кои еволуирале птиците, којашто го вклучува и добро познатиот T. Rex) со оној на некои современи птици како нојот и емуто.
Авторката работела тргнувајќи од претпоставката дека концентрацијата на невроните е “скалабилна” кај диносаурусите и птиците – двојно поголемиот череп ќе има двојно повеќе неврони – а студијата ја оправдува оваа претпоставка. Резултатот е дека черепот на еден T. rex (или кој и да е друг теропод) содржел многу повеќе неврони отколку што досега сметавме. T. rex, особено, имал извонредно многу неврони, бројка којашто е споредлива со онаа кај модерните примати. Од овие причини авторката на студијата смета дека овие диносауруси сосема извесно поседувале сложена социјална структура, дека знаеле да решаваат проблеми, да користат алатки и дека мошне веројатно имале и некаков облик на култура.
Во нејзините претходни студии Херкулано-Хузел покажа дека постои пропорционалност помеѓу бројот на неврони и очекуваниот животен век, па според нејзините пресметки, еден Т. Рекс може да достигне старост и од 40 години. Очигледно e дека овие хипотези е невозможно да се потврдат “на терен” (барем без употреба на временска машина ), но студијата нуди убедливи аргументи дека диносаурусите не биле толку глупави како што ги прикажуваме во пишаните, филмските и другите приказни во кои тие се појавуваат во главна или споредна улога .