2022 година беше рекордна година за вселенските истражувања. Со 180 успешни лансирања на ракети во орбитата, 44 повеќе од претходната 2021 година, минатата година забележа досега најголем број лансирања во вселената. Во лансирањето доминираа ракети од американската компанија SpaceX и од кинеската влада и бизнис сектор.
Податоците доаѓаат од Џонатан Мекдауел, астрофизичар од Центарот за астрофизика Харвард и Смитсонијан во Кембриџ, Масачусетс, кој одржува бази на податоци за вселенските летови, па слободно може да кажеме деја неговата анализа за 2022 година, објавена на почетокот од овој месец, е сосема веродостојна.
Новата SLS ракета на НАСА, која ја однесе капсулата Орион до вселената, како дел од мисијата Артемида I, полета на 16 ноември 2022 година
Според анализата на Мекдауел, ако се изземе SpaceX, останатите американски провајдери на ракети оствариле 17 лансирања во 2022 година, тука вклучувајќи го и ноемвриското лансирање на новата SLS ракета на НАСА со кое капсулата Орион се упати на пат околу Месечината. Минатата година Кина извршила 62 успешни лансирања, што е 9 повеќе отколку во претходната 2021 година (види го графикот “Вселенска трка“). Добар дел од овие лансирања биле за потребата на кинеската владина вселенска агенција, но брзо пораст бележат и лансирањата на комерцијалните провајдери на ракети. Во октомври, Кина ја лансираше и нејзината соларна опсерваторија, наречена Куафу-1, а го испрати во вселената и третиот, последен главен модул од нејзината орбитална вселенска станица Тиангонг, којашто сега е комплетирана во целост. Севкупно, стапката на лансирање на Кина во 2022 година била речиси тројно поголема од онаа на Русија, што укажува на тоа дека Кина ја заменува Русија како вселенска сила број два.
Другите научни лансирања од изминатата годината ги вклучуваат и лансирањето на сателитот за мапирање на површинската вода и океанска топографија на НАСА, приватниот лунарен лендер на јапонската компанија “Испејс“ и првата јужнокорејска мисија на Месечината.
Вкупниот број лансирања во Европа, од друга страна, бележи голем пад – од 15 успешни лансирања во 2021 година на само 5 успешни лансирања изведени минатата година. Падот се должи делумно и на тоа што Европската вселенска агенција престана да лансира ракети Сојуз од руско производство по почетокот на руските воени дејства во Украина во февруари 2022 година.
Нов Зеланд, пак, забележа рекордни девет лансирања во 2022 година, што е последица и на тоа што американската компанија Rocket Lab испраќа комерцијални товари во орбитата од Махија, на Нов Зеланд.
Но, оваа 2023 година лесно би можела да донесе соборување на рекордот на успешни лансирања – само SpaceX се надеваат дека ќе изведат 100 лансирања во 2023 година, мисии во рамки на кои влегува и првиот орбитален лет на нивното големо вселенско летало Starship, кое е предвидено за да однесе човечки екипаж најнапред на Месечината, а за неколку години и на Марс.