По 3300 години, големиот фараон Рамзес II „воскресна“ со помош на археологијата, физичката антропологија, литературните извори и современите техники за обработка на слики.
Најпознатиот египетски фараон умрел на 90-годишна возраст, оставајќи зад себе мноштво жени и деца, храмови и освојувања, свесен дека го направил Египет поголем. Но, без да знае дека и тој ќе стане негативен лик во библискиот наратив. Имено Рамзес II бил идентификуван од грчкиот епископ Евсебиј од Цезареја (265-340 н.е.) како фараонот кој не сакал да го пушти еврејскиот народ на слобода во Книгата на егзодусот, и кој затоа бил казнет од познатите „чуми“.
Иако современите историчари оваа последна улога баш и не може да ја потврдат, неспорно се потврдени најмалку два факти: дека фараонот Рамзес II бил најмоќниот владетел на древниот Египет и дека живеел од 1303 до 1213 година п.н.е. Неговата мумија била откриена во 1881 година и се чува во Националниот музеј на египетската цивилизација во Каиро. Овој маркантен лик секако заслужи 3Д портрет – реконструкција на неговото лице што ја изработи гупа истражувачи од Face Lab при Универзитетот Џон Мурс во Ливерпул.
Тимот предводен од Керолин Вилкинсон, во соработка со Универзитетот во Каиро, а особено со Сахар Салим, експерт за мумии и професор по радиологија, го реконструираше со најсовремени техники изгледот на фараонот кога тој имал 45 години, но и во неговата длабока старост. При реконструкцијата била користена компјутерска томографија (КТ), слики и скулптури на кои бил прикажан фраонот, во комбинација со историските податоци за него. Во пракса, мумијата била „одмотана“ со помош на КТ софтверот, отстранувајќи сè што било додадено при балсамирањето.
Потоа биле потребни три месеци работа за черепот и коските на Рамзес II да се обложат со месо и кожа од „CGI прикази“ (компјутерски генерирана графика), кои графички, во 3D ја репродуцирале текстурата и минималните карактеристики на неговиот оригинален органски материјал. Карактеристиките на фараонот беа детално реконструирани, најнапред со рендерирање на кранијалната површина, потоа со наметнување на мускулната структура, па слојот маснотии и на крајот биле додадени карактеристиките на кожата. Меѓутоа, благодарение на староегипетските текстови, биле реконструирани и бојата на очите, косата, па дури и бенките на Рамзес II.
За да ги следи мускулите на лицето на фараонот, тимот на Face Lab користел софтвер за форензичка реконструкција којшто се употребува за исчезнати лица, тела пронајдени во непрепознатлива состојба или во потерата по криминалци.
Како што се развиваат научните методи и техниките за визуелизација, овие 3Д реконструкции даваат нови сознанија не само за ликовите, туку и за античките народи. „Преку визуелните претстави на лицата можеме да ги видиме мажите и жените од минатото во нивната реалност, надминувајќи ги когнитивните предрасуди“, вели Вилкинсон.