Рубрика: Психологија
Стресот (во мали дози) го помага помнењето
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 11.01.2023 - 16:45

Колкупати во текот на денот чувствувате дека сте под стрес? Па, да ви пружиме извесна (мала) утеха за таквите моменти: иако стресот воопшто не е пријатен, се чини дека во мали дози ја фаворизира способноста за паметење. Според едно американско истражување засновано на искуствата на 1200 млади возрасни лица, ниските до умерени нивоа на стрес имаат потенцијал да ја подобрат работната меморија, привремениот “склад” од каде што ги вадиме информациите што ни се потребни. Меѓутоа, ако анксиозноста надмине одреден праг, овие придобивки стануваат ништожни.

Група невронаучници од Универзитетот во Џорџија побарале од учесниците да направат тест за меморија во кој требале да препознаат одредени алатки и лица, при што била следена нивната мозочна активност. Соодветните нивоа на стрес кај волонтерите биле забележани во прашалник за самооценување. Оние кои чувствувале голем притисок покажале помала активација на мозочните области кои управуваат со работната меморија. Меѓутоа, оние кои доживувале ниски или умерени нивоа на стрес не само што покажале високо активирање на работната меморија, туку оствариле и подобри резултати во предложениот тест.

Истражувањето објавено во научното списание Neuropsychologia ја потврди врската помеѓу стресот и меморијата, чиешто постоење претходно се претпоставуваше, иако американската анализа ја истражува оваа спрега само индиректно, без да воспостави причинско-последична врска.

Едно можно објаснување, кое произлегува од претходните истражувања на животни, е дека малата количина на стрес помага да се предвидат идните проблеми и мозокот соодветно да се подготви – своевидно присилување на ментална реорганизација што служи за соочување со следните моменти на тешкотии.

Основен услов за одржување на оваа придобивка е стресот да не е ниту постојан со текот на времето, ниту прекумерен. Навистина, познато е дека континуираните нивоа на стрес се штетни за физичкото и за менталното здравје. Преголемата количина стрес создава мускулна тензија, висок крвен притисок, промовира срцеви и имунолошки проблеми и болести на цревата, како и, сосема случајно, слаба функција на работната меморија.

За среќа, социјалниот контекст помага во ублажувањето на стресот и во тоа тој да се одржува на податливо ниво. Во студијата, се покажало дека учесниците кои имале силна мрежа за поддршка од семејството или од пријателите, можат подобро да се справат со напнатоста од другите. Се чини дека знаењето дека на располагање ви стои многу помош е една од оние придобивки што живот значи, а освен тоа ја чува и меморијата.

Клучни зборови: