Нема вечни соодноси! Особено во економијата. Кога пред три децении електричните автомобили сè уште беа мисловен поим, само по некој ентузијаст, во сопствена режија, преправаше класичен автомобил во електричен и така го возеше по патиштата. И знам дека тогаш најголем нивни проблем беше како да го регистрираат возилото, бидејќи електричната енергија од домашниот приклучок беше мошне евтина и често спаѓаше во социјалната категорија штитејќи го стандардот на населението, па од трошковна страна возењето беше гледано за бадијала, преевтино или едноставно кажано – ‘џабе’. Денес, со сериското производство на електрични автомобили, односите на ова поле се променија и тежиштето лека полека почна да се поместува кон балансирање на цената на енергенсите за погон на автомобилите. Дојдовме до старата вечна вистина дека цената на еден киловат-час енергија е приближно иста независно од видот на енергијата. Така, возењето на автомобил на електрична енергија е сè поскапо и веќе сега во некои држави во западна Европа е поскапо и од возењето на бензин.
Белгискиот магазин Кнак (Knack) пресметал дека денеска е поскапо да се извозат 100 километри на електрична енергија отколку на бензин. Се тргнува од реалната претпоставка дека електричниот автомобил просечно троши 20 kWh/100 km, и актуелната цена на електричната енергија на полначите во Белгија од 0,62 eвра/kWh, па оттаму произлегува дека за да се поминат 100 километри со електричен автомобил чини 12,4 евра.
Од друга страна, бензинскиот автомобил денеска просечно трши 6 l на 100 km. Ако актуелната цена на горивото во Белгија за бензинот изнесува 1,68 евра за литар испаѓа дека автомобилот со бензински мотор 100 километри ќе помине за 10,08 Евра. Белгискиот магазин притоа нагласува како ситуацијата за сопствениците на електрични автомобили е уште потешка ако нивниот автомобил се полни на брзите DC полначи, затоа што цената на еден kWh електрична енергија тука изнесува 0,74 евра.
После полнењето на батеријата многу е битно автомобилот ВЕДНАШ да се дислоцира од полначот затоа што се плаќа пенал од 1,8 евра за еден час, а кај брзите полначи казната е дури 15 евра за еден час.
Пазарна логика, нема што. Ова е школски пример за тоа како функционира слободниот конкурентен пазар.