Најновите достигнувања во доменот на вештачката интелигенција која стана сеприсутна во уредите и машините околу нас – од автомобилите, роботите до кујнските апарати, ќе биде целосно прикажана на годишниот Саем за потрошувачка електроника (CES) што ќе се отвори утре, 5 јануари, во Лас Вегас.
Откако поради пандемиските услови саемот се одржа една година виртуелно, онлајн, а минатата 2022 година изложбата беше хибридна и помина во знакот на отсуство на повеќе големи играчи од ИТ сферата (види тука), десетиците илјади редовни посетители на шоуто се надеваат на враќање на преполните сали и брзо склучување зделки, нешто што беше белег на оваа годишна екстравагантна изложба на гаџети.
Како што истакна аналитичарот на Techspotential Ави Грингарт “2022 година, беше сенка од некогашната слава – празни сали, без состаноци во хотелските соби. Сега, [очекуваме] гужви, тутканици при движењето наоколу [во изложбениот простор] и состаноци зад затворени врати – што е и целта на саемот.”
Организаторите на CES очекуваат враќање на толпите посетители и побарување на билет повеќе за посета на изложбениот простор и собите за демонстрација
CES официјално започнува на 5 јануари, но компаниите веќе се борат за да го свртат вниманието на посетителите со најновата технолошка магија. Изложбениот простор на саемот е распослан на повеќе од седум хектари, протегајќи се околу Конгресниот центар во Лас Вегас и преливајќи се со павилјоните поставени на околните паркинзи. Салите за танц и банкети ширум “Градот на гревот” ќе бидат посветени за време на CES на поттикнување на бизнисот.
Имајќи предвид дека новата гранична област во која компјутерската техника наоѓа сè поголема примена е транспортот, аналитичарите очекуваат да го привлечат во фокусот на овогодинешниот CES да се најдат следната генерација автомобили, камиони, чамци, земјоделска опрема, па дури и летачки машини.
„Ќе се чувствувате речиси како да сте на саем за автомобили“, вели Кеван Јаловиц, одговорен за платформската стратегија во Accenture.
Повеќе од кога било, современите автомобили доаѓаат со оперативни системи налик на оние од паметен телефон или лаптоп компјутер, па во Accenture очекуваат дека до 2040 година околу 40% од возилата на патиштата ќе зависат од софтвер што ќе се ажурира од далечина.
А со поврзаните автономни автомобили доаѓаат апликации и онлајн забава, па програмерите ќе се борат да го привлечат вниманието на патниците за време на возењето со услугите за стриминг или за купување. Електричните возила подобрени со вештачка интелигенција, исто така, го очекуваат својот “голем момент” во рамки на изложбата.
„Она за што на големо “се шушка” се персонализираните летечки машини“, вели независниот технолошки аналитичар Роб Ендерле. „Всушност се работи за дронови наменети за превоз на луѓе.“
Виртуелната реалност се очекува да е еден од фокусите на интерес на CES 2023
Предводени од Мета на Цукерберг, извонредните виртуелни светови познати како метаверзум (metaverse) некои ги гледаат како иднината фаза од еволуцијата на интернетот, и покрај многубројните критики дека во фејсбук претерано се инвестира во недокажан сектор. Откако минатата година метаверзумот беше главна тема на CES, се очекува и воаа година во фокусот да се најдат визирите за покривање на глава (како уредите Окулус) со коишто нурнувате во светот на виртуелната реалност на метаверзумот. Па така, компанијата Мета (порано позната како Фејсбук) ќе им овозможи на повеќе избрани гости да ги испробаат најновите визири за виртуелна реалност Oculus Quest, обидувајќи се да ги убеди “неверниците” дека залагањата на компанијата за промоција на метаверзумот се чекор во вистинската насока.
Од гаџетите или услугите што се претставуваат како дел од следната генерација на интернет, односно „Web 3“, се очекува исто така да вклучуваат опрема за подобрена/мешана реалност, но и блокчејн технологија и NFT можности. Web 3 ветува подецентрализиран интернет каде технолошките гиганти, големите бизниси или владите повеќе нема да ги држат сите клучеви од онлајн присиството. Како што истакнува и Каролина Миланези, аналитичар во Creative Strategies, „идејата за тоа како ќе се поврзуваме ќе биде дел од големиот тренд на CES“.
Аналитичарите очекуваа дека на саемот криптовалутите ќе бидат промовирани како дел од Web 3 иновациите, но во овој сегмент се очекува и одреден моментален пад на интересот поради тековните случувања со FTX платформата за тргување криптовалути и апсењето на нејзиниот сопственик Сем Банкмен-Фрид.
Понудите на CES најверојатно ќе ги одразат и “лузните” останати од пандемијата – производите дизајнирани за време на карантините и работата од далечина сега ќе бидат пренаменети за отворениот пазар и покрај тоа што ако начинот на живот се врати на навиките од пред “ковид ерата”. Па така и технологијата дизајнирана за подобра здравствена проценка и за далечинско поврзување со здравствените работници, исто така, ќе зафати добар дел од технолошката демонстрација на CES.
И иако шоуто е нескромно посветено на консумеризмот, животната средина исто така ќе биде главна тема на интерес – од гаџети дизајнирани да го собираат ѓубрето од водените површини до апликации кои им помагаат на луѓето да ја намалат потрошувачката на енергија. Добар дел од компаниите почнаа со целосна елиминација на пластиката од пакувањето и се префрлаат кон биоразградливи материјали, а истовремено се обидуваат да ги намалат и емисиите на јаглерод, укажуваат аналитичарите.
Ако сте тип на човек што сака да живее надвор од технолошката поврзаност, одгледувајќи си ја сопствената храна и создавајќи сопствена енергија од алтернативни извори со цел да остава минимален јаглероден отисок на околината, тогаш случувањата на CES веројатно и не ве интересираат. Сепак, како дел од борбата за намалување на ефектите на климатските промени и за почиста околина треба да се пофалат и компаниите кои наоѓаат начини да ги направат своите производи и синџирот на снабдување сè поодржливи.