Рубрика: Информатика
Големите технолошки фирми го откажуваат присуството на CES 2022
Автор: Н Н
Објавено на 27.12.2021 - 14:45

Големите технолошки фирми како Гугл, Леново и Интел во четвртокот ги откажаа плановите да присуствуваат на најголемиот Саем за потрошувачка електроника што традиционално се одржува во јануари во Лас Вегас. Потегот е дел од “егзодусот” што беше поттикнат од стравот од ковид-19.

Веста доаѓа набргу по откажувањето на присуство или намалување на планираните активности на CES2022 од неколку други големи компании, кои се решиле на овој чекор поради брзото ширење на сојот омикрон во САД. Имено, трите компании се дел од сè подолгата листа компании кои веќе решија да не ги изложуваат на непотребен ризик нивните вработени преку присуство на настани во живо, изложби или брифинзи што се дел од годишната екстраваганција на гаџети.

Портпаролот на американскиот интернет гигант Google за медиумите изјавил дека “По внимателно разгледување, решивме да го повлечеме нашето присуство на изложбениот паркет на CES 2022. Внимателно го следевме развојот на состојбата со омикрон сојот и одлучивме дека ова е најдобриот избор за здравјето и за безбедноста на нашите тимови.” Своето директно присуство го откажа уште една членка од Alphabet групацијата, на која и припаѓа и Гугл, одделот за автономни автомобили Waymo. Тие известија на CES ќе учествуваат виртуелно.

Компјутерскиот колос Леново со седиште во Кина објави на Твитер дека решил да ги “прекине сите активности за присуство на лице место“ на саемот.

По консултации со здравствените власти, со цел да го намали ризикот за своите вработени, и американскиот производител на чипови Интел одлучил дека “ќе се насочи најнапред на дигитално искуство, во живо, со минимален персонал на лице место“.
Четиридневната конференција по ланската “карантинска” пауза што настанот го пресели во интернет просторот, планираше големо враќање во живо. Но, оваа недела своето присутво го откажаа и Фејсбук/Мета, Амазон, T-Mobile и Твитер. Дури и водечките светски технолошки публикации, вклучувајќи ги CNET, The Verge и TechCrunch, изјавија дека нема да испратат свои новинари за да покривање на настанот, што ги зголеми сомнежите дека CES можеби ќе треба да биде одложен или откажан.

Сепак организаторите на шоуто, Здружението за потрошувачки технологии, велат дека и покрај откажаните директни присуства, популарната изложба треба да започне на 5 јануари, во Лас Вегас. Минатата недела тие го објавија и бројот на изложувачи – над 2100 компании го потврдиле нивното директно присуство на CES 2022. На својата страница, CES ги потсетува сите присутни дека мора да бидат целосно вакцинирани, а како дополнително ниво на безбедност на присутните ќе им бидат понудени бесплатни комплети за брзо тестирање за ковид-19.

Но, сите ја немаат “храброста” на организаторите на CES. Така, Светскиот економски форум, којшто секоја година се одржува во јануари, во понеделникот објави дека ќе го одложи својот годишен состанок во Давос, Швајцарија, поради ширењето на омикрон сојот. Собирот на светската политичка и бизнис елита е презакажан за “почетокот на летото“, според организаторите.

Клучни зборови: