Длабоко сме навлезени во периодот кога од сите страни нè дочекува музика со божиќни теми. Познатата збирка од сентиментални мелодии го презеде етерот и се филтрира низ звучниците во кафулињата уште од почетокот на декември, а за нас тука, на Балканот, овој ‘саундтрак’ ќе продолжи да се врти речиси до половината на месец јануари. Но, што е тоа што ја прави божиќната музика толку посебна? Иако одговорот се чини на некој начин очигледен, празничните песни поседуваат неколку изненадувачки карактеристики кои ни откриваат толку многу за нас, но и за нашите зимски традиции.
Џо Бенет, форензички музиколог од Музичкиот колеџ Беркли во Бостон, се обиде да одговори на горе поставеното прашање во 2017 година. Тој ги разгледувал стиховите, темпото, вокалот, но и другите елементи во 78-те најстримувани празнични мелодии на Spotify за таа сезона.
Најочигледниот аспект на она што една песна ја чини 'божиќна' се, нормално, текстовите. Па така Бенет забележал дека зборовите употребени во овие песни се вклопуваат во осум клучни теми, вклучувајќи ги „дома“, „заљубена“, „забава“, „Дедо Мраз“ “ и „снег“. Но, концептот што ги поврзува сите теми, според Бенет, е носталгијата.
„Светот на божиќната песна, во смисла на визуелни слики, е аналоген свет: огнови, снежни врнежи, подароци под дрвото“, вели тој. „Иако луѓето продаваат iPhone и PlayStation за Божиќ, таа слика ја нема во текстовите“.
Таа носталгија е присутна и во техничките аспекти на музиката. Од песните што ги анализирал Бенет, 95 % биле со дурски клуч.
„Дурските клучеви во поп музиката се малку застарени“, вели тој. „Во современиот поп, репертоарот повеќе се потпира на молскиот клуч“. Бенет додава дека доминацијата на дурскиот клуч во божиќната музика делумно ја одразува желбата за „среќни теми“ за време на студениот празничен период.
Дарен Спростон, директор на Факултетот за уметности и медиуми и заменик декан на Универзитетот во Честер, Англија, во 2021 година одржа серија предавања за историјата и карактерот на божиќната музика. Тој посочува дека оваа наклоност за побрзо празнично темпо се наоѓа и во традиционалните песни, напишани за црквени изведби.
„Луѓето мора да ги научат мелодиите доста брзо за да можат да ги пеат за таа пригода – но истото важи и за популарната музика и за ‘мамките’ наменети да ja привлечат публиката и за тие да ја поседуваат таа "певливост"“, вели Спростон. "Без разлика дали се работи за „О дојдете, сите вие верни“ (O Come, All Ye Faithful) или „Дедо Мраз доаѓа во градот“ (Santa Claus is Comin’ to Town), празничните песни најдобро функционираат кога можеме да ги пееме во група."
Бенет открил дека просечниот минутен ритам (beats per minute – BPM) кај овие песни изнесува 115 – што е нешто под просекот на популарната музика, каде тенденцијата е 120, а 90% проценти од нив биле во 4/4 такт (што исто така не се разликува многу од повеќето други поп песни). Понатаму, дури 38% од песните вклучувале ѕвона од санки, а 35 % користеле скршен третински ритам, познат и како т.н. “ритам за нишање“, кој има мешан звук. (Помислете само на постојаниот ритам низ песната „All I Want for Christmas Is You“ на Мараја Кери.) Овој ‘изум’ бил мошне користен во 1950-тите и 1960-тите, особено во празничните песни продуцирани од Фил Спектор, чиј албум од 1963 година „Божиќен подарок за Вас од Фил Спектор“ ( A Christmas Gift for You from Phil Spector) на многу начини го постави шаблонот за модерната божиќна поп музика.
Спростон забележува дека користењето на тубуларните ѕвона, кои го имитираат звукот на црковните ѕвона, е исто така карактеристичен елемент, како и хорското пеење. „Штом воведете хор, особено детски хор, го добивате тоа божиќно руво“, вели тој.
Тој како пример ја посочува дури и песната „Another Brick in the Wall“ од Пинк Флојд, иако малкумина би ја сврстиле оваа нумера во божиќните песни, а сепак, токму таа се најде на врвот на топ листите во Обединетото Кралство за време на Божиќната недела во 1979 година, за што можеби помогна токму употребата на хорско пеење во неа.
Друга клучна карактеристика на божиќните песни е тоа што, со редок исклучок, се работи за истите песни од година во година. Оние ретки мелодии кои се пробиваат и стануваат „нови класици“ обично тоа го прават со ‘бесрамна кражба’ од веќе потврдениот ‘арсенал’ стари божиќни песни. Најочигледен пример за ова можеби е токму сеприсутниот хит од Мараја Кери, кој „зема толку многу од оние вредности на продукцијата на Фил Спектор од 1963 година и го додава она што во тоа време беше современ спин на 90-тите“, вели Бенет. Надвор од позајмувањето од ‘рецептите’ на Спектор, песната вклучува дури и некои акорди од ултрапознатата „Бел Божиќ“(White Christmas).
Понов пример за вакво позајмување и креирање по теркот "од старо во ново" може да се најде во опусот на Мајкл Бубле, чиишто песни чинеле цели 13% од оние што ги анализирал Бенет.
„Повеќето од тие [позајмени] песни се од ерата на Биг-бендовите од 1940-тите, 50-тите и 60-тите години“, вели Бенет. „Тоа е звукот на Rat Pack [веселата дружина познати забавувачи], но Мајкл Бубле користи автоматско прилагодување на неговиот глас и ја создава онаа совршена комбинација од современи вредности на поп продукцијата и традиционалните музички аранжмани и алузии при пишувањето песни“.
Додека Бенет популарноста на божиќните песни ја смета за пријатна носталгија, Спростон нуди еден друг начин на размислување во врска со привлечноста на познатите песни во истиот период секоја година – ритуал.
„Божиќот е циклична појава – се собираме како семејство за Божиќна вечера и најчесто ја јадеме истата божиќна вечера, ги гледаме истите божиќни програми, тие традиции се добри за душа“, вели тој. „Се работи за [повторување на] ритуал“.
Една од најпопуларните празнични песни од минатата година, „Среќен Божиќ“ (Merry Christmas) на Ед Ширан и Елтон Џон, можеби е нова, но сепак се држи до формулата. „Ја има секоја културна референца – огниште и имела плус, нормално, ѕвона од санки“, вели Бенет.