Русија ја испитува способноста за летање на капсулата за пренос на екипаж Сојуз која е закачена за Меѓународната вселенска станица а која имаше истекување минатата недела. Според изјавите на официјални лица дадени во четвртокот, поради наведениот проблем русите можеби ќе треба да испратат брод за спасување на екипажот кој остана ‘заглавен’ на МВС.
На 14 декември леталото, познато по ознаката MS-22, почна да испушта течност за ладење во вселената, што беше прикажано на драматичните снимки на ТВ НАСА. На снимките се гледаат бели честички, налик на снегулки, кои излегуваат од задниот дел на капсулата.
На брифингот со новинарите, организиран од американската вселенска агенција, Сергеј Крикалев, кој ги води програмите за вселенски летови со екипаж во Роскосмос, ги информира новинарите дека сè уште се проценува степенот на оштетување на леталото.
Ако термичката анализа со која проценува колку ќе се загрее внатрешноста на кабината покаже дека МС-22 не е погоден за лет со екипаж, тогаш лансирањето на друга капсула Сојуз што е планирано за средината на март од космодромот Бајконур би можело да биде забрзамо и капсулата да биде испратена без екипаж, соопшти Крикалев. Ако тоа се случи, тогаш оштетениот вселенски брод ќе се врати на Земјата без екипаж.
Роботската рака на ЕСА се користи за испитување на оштетувањата настанати на капсулата Сојуз фото: НАСА
МС-22 ги однесе руските космонаути Дмитриј Петелин и Сергеј Прокопјев, како и астронаутот на НАСА, Френк Рубио, до МВС во септември. Во моментов на орбиталната станица престојуваат седуммина астронаути, но ако се покаже дека МС-22 е несоодветна за пренос на екипаж, тоа ќе значи дека МВС има само еден „чамец за спасување“ во кој може да собере само четири лица во случај на евакуација. Американците Џош Касада и Никол Ман, Јапонецот Коичи Ваката и Русинката Ана Кикина пристигнаа со SpaceX Crew Dragon во октомври.
Причината за оштетувањето сè уште останува нејасна, но се чини дека за него не е виновен метеорскиот дожд Геминиди, бидејќи трупот на леталот бил пробиен од друга насока. Во тек се испитувања што ќе треба да утврдат дали оштетувањето било предизвикано од природни микрометеороиди, вештачки остатоци во орбитата или од дефект на хардверот.
Вселенската прошетка за надградба на сончевите панели на станицата која беше одложена во средата се одржа во четвртокот.
Вселената остана едно од ретките места каде соработката помеѓу Москва и Вашингтон продолжува, од почетокот на руската офанзива во Украина и последователните санкции на Западот кон Русија.
МВС беше лансирана во 1998 година во време на зголемена соработка меѓу САД и Русија по вселенската трка за време на Студената војна.