Рубрика: Хемија
Мистеријата на виолетовото злато на палатата Алхамбра
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 21.12.2022 - 16:15

Знаеме за жолто злато, бело злато, па и розово злато, но, виолетово злато? А сепак, некои делови од позлатата на арабескните украси во палатата Алхамбра во Гранада навистина се чини дека даваат  чудни пурпурни рефлексии. Овие неверојатни бои, настанати од корозијата, мошне веројатно се поврзани со формирањето на златни наночестички.

Распослана над градот Гранада во јужна Шпанија, палатата Алхамбра претставува престижен споменик на муслиманското културно наследство во Шпанија. Палатите на Насридите во оваа акропола импресионираат со нивната архитектура богата со детали. Повеќе од петстотини години старата позлата на мукарните (архитектонските орнаменти кои потсетуваат на сталактити) во палатата на лавовите, е во голема мера оштетена и покажува знаци на корозија со изненадувачки виолетови рефлексии. Каролина Кардел и Изабел Гуера од Универзитетот во Гранада, го открија потеклото на специфичната боја на позлатата на Алхамбра и понудија убедливо објаснување за механизмот на потеклото на нивната корозија.

Кога станува збор за накит, слободно може да кажеме дека виолетово злато не постои. И со добра причина – оваа боја не е резултат на легура како розовото злато, на пример, коешто претставува легура од злато, бакар и сребро, туку таа произлегува од мошне специфична конфигурација на материјалот. Користејќи различни спектроскопски методи истражувачите откриле присуство на златни честички со големина од 70 нанометри. Како овие наночестички влијаат на бојата? Ако светлината наиде на група од овие мали топчиња, феноменот на електронска резонанца промовира апсорпција на брановите должини што одговараат на зелениот дел од видливиот спектар. Рефлектираната светлина потоа се состои од мешавина на сина и црвена, во различни пропорции, во зависност од големината и обликот на структурите. Во случај на позлатата во Алхамбра, големината на наночестичките оди во прилог на сината боја во рефлектираниот спектар, па оттука и виолетовата нијанса на наслагите.

Мукарните на Алхамбра – орнаментите во форма на сталактити покриени со злато. Можеме да ја забележиме неочекуваната виолетова боја на позлатата.

Распаѓањето на оваа позлата што настанува со текот на времето може да биде изненадувачка. Всушност, познато е дека златото е еден од најстабилните метали и најчесто се вели дека е отпорно на корозија, односно на оксидација – реакција со оксиданс како кислородот во воздухот, факт што уште повеќе ја  истакнува фасцинантноста на овој феномен. Меѓутоа, под одредени услови, златото понекогаш може да кородира. Феноменот на растворање на златото во кралска вода (Aqua regia) – мешавина од хлороводородна (HCl) и азотна киселина (HNO3) – се користи, на пример, најмалку од 17. век за добивање  Касиусова виолетова боја, црвен пигмент што се користи за боење на стаклото. Но, во Алхамбра не станува збор за аква регија, туку за дејство на низа електрохемиски феномени.

Слабата точка на орнаментите на палатата лежи во избраната техника на позлата. Занаетчиите користеле долен слој од калај за да го згусне листот и да го олесни ракувањето. При нанесувањето на облогата од злато врз малтерот на мукарните, тенкиот златен лист на некои места незабележливо бил оштетен. Овие микро-дефекти обезбедуваат контактни површини помеѓу долниот слој од калај и солената влага во Гранада. Истражувачите предлагаат дека, слично како кај батерија, контактот помеѓу двата метали и водата електризирана со јони на хлорид предизвикал кородирање на калајот и таложење на Sn2+ јони на златниот лист. Овој процес се нарекува галванска корозија. Златниот лист потоа бил нерамномерно покриен со производ од корозија и притоа нерамномерно бил изложен на атмосферскиот кислород. Феноменот наречен „корозија на диференцијална аерација“ потоа предизвикала растворање на недоволно оксидираното злато, кое потоа се таложи во наночестички со дијаметар од 70 нанометри на површината од наслагите.

Некои експерти не се согласуваат сосема со оваа хипотеза, особено ако се има предвид недостатокот од експериментални тестови што ќе го потврди предложениот механизам на корозија. Сепак, можни се и други сценарија, на пример, ако се земе потенцијалниот ефект на фоторедукција. Како и да е, истражувачите се надеваат дека со оваа, но и следните студии, нивната идеја ќе помогне подобро да се разбере оштетувањето на позлатата и да се најдат методи за нејзина реставрација.

Клучни зборови:
Мукарните на Алхамбра – орнаментите во форма на сталактити покриени со злато.

Мукарните на Алхамбра – орнаментите во форма на сталактити покриени со злато. Можеме да ја забележиме неочекуваната виолетова боја на позлатата.
фото: C. Cardell и I. Guerra, Универзитетот во Гранада