На 19 декември 1972 година, Аполо 17 се врати од Месечината и со тоа заврши ерата на мисиите Аполо. По тој повод ви пренесуваме едно постаро интервју со Јуџин Сернан, човекот кој го остави последниот отпечаток од стапало на површината Месечината.
„Тука човекот го заврши своето истражување на Месечината во декември 1972 година. Нека духот на мирот во чие име дојдовме овде се одрази на животите на сите луѓе“. Оваа порака е изгравирана на плочата поставена на една од четирите ногарки за слетување на лунарниот модул од мисијата Аполо 17, последната мисија со екипаж на Месечината досега. Зборивите во живо на телевизија ги прочита командантот на мисијата Јуџин Сернан (1934-2017), последното човечко суштество што остави отпечаток со своите обувки врз површината на нашиот најголем сателит. „Кога ја напуштивме Месечината на 14 декември 1972 година, мислевме дека до 2000 година сигурно ќе биде лансиран конкретен проект за враќање на неа“, во една прилика изјави Сернан. „Знаевме дека тешко дека ќе можеме да се вратиме таму за брзо време, дури и до крајот на милениумот, бидејќи веќе во периодот на нашата мисија, многу проекти, подеднакво амбициозни, беа елиминирани или „замрзнати“ поради кратење на буџетот, и иднината изгледаше неизвесна“.
Слика од локацијата на мисијата Аполо 17 на која се означени повеќе елементи од мисијата и артефакти останати на површината на Месечината. Фотографијата е направена од орбитерот LRO на НАСА
Всушност, според првичните планови, биле планирани дваесет мисии Аполо, но тие застанаа тука, на 17-ката, при што и тој лет бил лансиран во последен момент, доцна среде ноќ, и со шоу што никогаш потоа не се повтори на Кејп Канаверал, и покрај последователните лансирања на вселенскиот шатл.
„Тоа беше одлично шоу“, се сеќава Сернан. „Лансирањето беше толку доцна поради поволната поставеност на позициите на Земјата и Месечината – поволен прозорец за лансирање се отвори во 21:53 вечерта на 6 декември. Беше неопходно да се воспостават посебни процедури, пред сè поради можните вонредни ситуации за време на различните фази од искачувањето кон орбитата на Земјата. Следевме конкретна подготовка, каде напамет ја проучувавме положбата на ѕвездите и соѕвездијата; знаејќи ги добро, совршено се ориентиравме: тие беа нашиот водич. Секако, при ноќно лансирање немате предност да ја видите неизмерноста на океанот под вас, но сепак тоа е нешто многу сугестивно.”
Слетувањето на Месечината во Морето на дождовите (Mare Imbrium) на 11 декември 1972 година пилотирано од Сернан и последователните прошетки по површината со неговиот колега Џек Шмит со лунарниот џип, „месечевото лунарно возило“, се едни од највозбудливите моменти на вселенската ера. Вториот член од екипажот на лунарниот модул, Џек Шмит не случајно бил дел од оваа мисија. Шмит бил геолог и планетарен научник, дел од научниот персонал кој ги обучувал астронаутите од претходните мисии Аполо за геолошкиот дел од истражувањето на Месечината. Според сеќавањата на Сернан при прошетките Шмит изгледал „како дете кога ќе влезе во продавница полна со играчки.”
Јуџин Сернан во Лунарниот модул по неговата трета, последна прошетка на површината на Месечината
“Не знаеше каде да се сврти за да погледне, беше толку возбуден. Тој беше многу повеќе вклучен во набљудувањето на карпите и почвата, и со право, бидејќи беше испратен овде токму за таа цел. Наместо тоа, јас почесто гледав во Земјата, која беше налик на бело-сина фудбалска топка висната на многу црното небо. И беше толку сјајна... поглед што не може да се спореди со ништо друго. Многу размислував за причината за тоа несекојдневно патување низ времето, просторот и реалноста; Не можев да се наситам на погледот кон Земјата од тоа исклучително место. И беше забавно да се знае дека во Италија, на пример, е доцна навечер, додека во Хјустон беше време ручек... тоа можеше да се види со еден поглед: беше како фантастична временска машина”, – се сеќава тој.
За една работа Сернан никогаш не направи компромис. На оние кои инсинуираат дека Шмит, а не тој, бил последниот астронаут што стапнал на нашиот сателит, тој им одговарил: „По хронолошкиот редослед на дванаесетте луѓе што стапнаа на Месечината, јас сум единаесеттиот. Тоа е точно. Од оваа гледна точка, Џек Шмит беше дванаесетти, следејќи ме мене. Но, јас бев последниот што се качи назад во лунарниот модул Челинџер, по нашата трета и последна екскурзија, така што последните отпечатоци на површината се мои.”
Зборувајќи за ова последно, неповторливо искуство, тој додаде: „Додека за последен пат се искачував на деветте скалила од лунарниот модул, се свртев да ги погледнам стапалките: сакав да го сопрам времето! Можеби тие моменти ги доживеав со уште поемотивно отколку кога ги направив првите чекори на Месечината, три дена порано.”
Искуството стави крај и на астронаутската кариера на Сернан, кој го живееше освојувањето на Месечината речиси од самиот почеток. „Гледајќи го лансирањето на ракетата Редстон со Алан Шепард во 1961 година, кој стана првиот Американец во вселената, веднаш сфатив што сакам да правам „кога ќе пораснам““, се сеќава астронаутот, кој во тоа време бил пробен пилот на експериментален авион на американската морнарица. Во 1963 година тој се приклучил на третата група астронаути на НАСА. Во 1966 година, со мисијата Gemini 9, тој стана третиот астронаут кој извел вселенска прошетка. И во мај 1969 година, на модулот Аполо 10, отиде дури 15 километри од површината на Месечината, во подготвителна мисија за вистинското освојување.
Капсулата од мисијата Аполо 17 со која астронаутите се вратија на површината на Земјата
Запрашан за тоа дали порано или подоцна ќе се вратиме на Месечината, Сернан ќе каже: „Убеден сум во тоа, но денес е тешко да се каже кога и како“. Изјавата била дадена кога во 2009 година, заедно со Нил Армстронг, бил повикан да го посети новиот модул Altair наменет за враќање на Месечината како дел од програмата Соѕвездие (Constellation), предложена во 2004 година од американскиот претседател Џорџ Буш, а потоа откажана од Обама.
„Сметам дека ќе се вратиме, особено затоа што Месечината е одлична база за научни и технолошки истражувања. А всушност целта, ако треба да се вратиме, е токму за таму да се изгради постојана база. Дури и потврдата за присуството на мраз на половите, од каде во иднина би можела да се добие вода, е аргумент што оди во полза на оние кои размислуваат да изградат научни бази на површината на Месечината, па дури да направат и мал полигон за лансирање на вселенски летала, кон Марс или кон астероидите, по пониска цена и со помала тежина (поради ниската лунарна гравитација, која е 1/6 од онаа на Земјата). Накратко, гледано од научна страна, би имале многу можности и поволности“.
За крај Цернан заклучува: „Во суштина, јас самиот се чувствував како пионер на идните колонизатори на Месечината. Зборуваме за бази и колонии. Бев на Месечината три дена, имав мала куќа горе, која беше лунарниот модул, имав работа – да работам во одредено време, па дури и автомобил со кој патував неколку километри. Сето ова за да се истакне дека веќе започнавме. И, за жал, значењето на најновите и најнапредните лунарни мисии од нашата вселенска програма не е целосно разбрано“.
Јуџин Сернан почина на 16 јануари 2017 година во 83. година од животот.