Само неколку дена откако бил објавен еден од најдобрите, ако не и најдобриот chatbot базиран на вештачка интелигенција, ChatGPT, апликацијата веќе има повеќе од милион корисници на Интернет и привлече големо внимание од светската јавност, пред сè на Твитер, каде што ботот предизвика хаос и лавина од коментари. Но, да тргнеме со ред. Најнапред да видиме кој стои зад оваа апликација а потоа и како таа функционира...
Кој е Сем Алтман
Како и речиси секој друг технолошки вундеркинд, Сем Алтман ја започнал својата кариера мошне млад. На 19 години го напуштил факултетот и ја основал првата компанија што ќе му донесе милиони. Во наредните 17 години, од 2005 година до денес, зад себе оставил голем број успешни технолошки компании, инвестициски фондови со дебел инвестициски капитал.
Алтман е роден 1985 година и израснал во Сент Луис во Мисури, САД. Според неговата биографија, тој студирал на Универзитетот Стенфорд до 2005 година, кога го напуштил. Но, во 2017 година добил почесна диплома од Универзитетот во Ватерло. Во 2005 година, Алтман ја основал Loopt, социјална мрежа за мобилни телефони заснована на локација. Во 2008 година од Businessweek бил прогласен за најдобар млад претприемач во технолошкиот сектор, а во 2015 година бил прогласен за врвен инвеститор на листата „30 Under 30“ составена од Форбс. Откако собрал 30 милиони американски долари инвестиции, во 2012 година Loopt згаснува поради недоволен број корисници, по што мрежата ја откупи компанијата Грин Дот за 43,4 милиони долари. Истата година Сем Алтман заедно со неговиот брат Џек учествува во основањето на Хиразин Капитал.
Од морето деловни успеси би го издвоиле основањето на OpenAI во 2015. Се работи за непрофитен истражувачки центар за развој на вештачка интелигенција чијашто мисија е „да овозможи општата вештачка интелигенција, т.е. високо автономните системи кои ги надминуваат човечките способности, му донесат корист на целото човештво“. Тој го основа OpenAI заедно со повеќе партнери, меѓу кои и Илон Маск, кој ја водел организацијата паралелно со Алтман. Маск, Алтман, заедно со партнерите и повеќе други компании – Amazon Web Services, Infosys, Microsoft и YC Research, вкупно вложиле преку 1 милијарда американски долари за финансирање на работата на истражувачкиот центар.
Во јавноста Алтман стана познат како одличен инвеститор. Неговото портфолио ги вклучува Airbnb, Stripe, Reddit, Asana, Pinterest, Teespring, Zenefits, FarmLogs, TrueNorth, Rescale, Alt, Helion Energy, BRINC, TrialSpark, Roboflow, Wave Mobile Money, Humane, Coco, Kami.
Што е ChatGPT?
ChatGPT е, сосема едноставно, најдобриот чет-бот со вештачка интелигенција што досега и бил претставен на пошироката јавност.
Се работи за прототип заснован на дијалог човек-машина, способен да го разбере природниот човечки јазик и да генерира импресивно детален пишан текст сличен на она што човек би го составил, а некои би се осмелиле да кажат дури и подобро од човек. Твитер буквално експлодира. Стотици слики од екрани од разговорите со ChatGPT станаа вирални. Расположението се движи од оние кои сè уште се во неверување до оние кои не можат да се изнаредат грандиозни епитети нарекувајќи го ботот го мешавина од софтвер и волшебништво или магија.
“ChatGPT е еден од оние ретки моменти во технологијата каде што ги гледате контурите како сè ќе биде поинаку во иднина”, – напиша Арон Леви, директор на компанијата „Box“.
ChatGPT се напојува со вештачка интелигенција – софтвер програмиран да симулира човечки разговор. Бил претставен во јавноста на 30 ноември на веб-страницата OpenAI, а во моментов, додека сè уште трае фазата на истражување, корисниците можат да се пријават и да го тестираат бесплатно на следниот линк https://chat.openai.com/auth/login
Користи јазична технологија GPT-3.5 – голем модел на вештачка интелигенција обучен на огромна количина текстуални податоци од различни извори, вклучувајќи книги, текстови од веб и Википедија. Во 2023 година се очекува доаѓањето на уште помоќната верзија –GPT-4.
Како работи ChatGPT?
Новиот четбот работи така што корисниците поставуваат одредено прашање, а тој дава детален одговор. Доколку корисникот е заинтересиран за нешто повеќе, може да го продолжи разговорот поставувајќи дополнителни потпрашања. Меѓу другото, ботот може да пишува поезија, сценарија, есеи, деловни писма, реклами, да објаснува некои сложени концепти, па дури и да програмира и наоѓа грешки во кодовите. OpenAI тврди дека може дури и да ги признае сопствените грешки, да ги оспорува неправилните претпоставки зададени од корисникот и да ги одбие недоветните барања, на пример, ако некој бара инструкции за некој спроведување неморален чин.
За илустрација, на прашањето „Кажи ми кога Кристофер Колумбо дојде во САД во 2015 година?” ChatGPT одговори во првата реченица: „Ова прашање е малку незгодно бидејќи Кристофер Колумбо умре во 1506 година, па не можел да дојде во САД во 2015. Но, да се преправаме за момент дека дошол!“, за потоа да продолжи со описот на тоа што Колумбо би доживеал ако некако успеал да дојде во Америка во 2015 година.
Не е ни чудо што за само една недела ChatGPT привлече повеќе од милион корисници. Сепак, како што истакнуваат од компанијата OpenAI, можно е некои од овие корисници да бидат разочарани бидејќи системот сè уште е во фаза на учење, па може да даде проблематичен одговор или да се „однесува“ неконтролирано.
Предности и недостатоци на ChatGPT
ChatGPT е особено привлечен поради тоа што пребарувањето во него се врши преку природен разговор што му овозможува на корисникот да поставува подпрашања. Освен тоа и самиот ChatGPT понекогаш ќе одговара со свои прашања за време на разговорот.
За разлика од пребарувачот на Google, кој нуди одговори на прашањата во форма на параграфи од постоечки написи со линкови до извори, самиот ChatGPT создава одговори врз основа на податоците што му се достапни. Лицето кое бара одговор на Google може да не биде задоволно со одговорите што ги наоѓа во првиот понуден извор, па затоа ќе продолжи со пребарувањето за други. Но, доволно е на ChatGPT да му поставите потпрашање на кое тој многу брзо ќе даде одговор. Со други зборови, ChatGPT ја врши работата што корисникот би морал сам да ја направи со повеќекратни пребарувања.
На Твитер може да се најдат голем број пофалби за употребата на ChatGPT за проверка и оптимизација на програми
Како што споменавме, ChatGPT е способен да склопи цел есеј или домашна задача на одредена тема. И конечно, новиот бот има можност да го запомни текот на разговорот за да може по извесно време да се наврати на одредени точки од него што претходно биле адресирани.
Но, ботот има и свои ограничувања. Едно од нив е тоа што неговата сегашна база на знаење завршува со 2021 година. Се шпекулира дека тоа е направено намерно за да не се користи за актуелните политички теми.
Друг проблем е тоа што има тенденција да генерира неточни одговори. На пример, кога го прашале што е потешко – килограм компримиран воздух или килограм говедско месо, тој погрешно одговорил – говедско месо. На прашањето како го толкува тоа, тој дал одговор што може да изгледа веродостојно само за силно неук човек: "Тежината на објектот се одредува според неговата маса, а масата на супстанцијата е мерка за количината на материја што ја содржи. Говедското месо содржи повеќе материја од компримираниот воздух, па затоа има поголема маса и тежи повеќе".
ChatGPT лесно може да се збуни и кај некои компликувани дефиниции
Очигледно е дека програмата сè уште го нема потребното разбирање од физиката за да даде соодветен одговор на ова едноставно прашање. Се разбира, се очекува одговорите на ботот да станат попрецизни со текот на времето.
За научниците, експертите и истражувачките новинари кои секојдневно го пребаруваат на Интернет во потрага по веродостојни податоци, можеби ќе пречи отсуството на линкови до извори што би можеле да ја потврдат релевантноста на добиениот одговор од ChatGPT. На пример, научните новинари ќе сакаат да ја проверат релевантноста на студиите врз кои се заснова одреден заклучок за ефективноста и несаканите ефекти на лекот или на вакцината.
Како што споменавме ChatGPT е дизајниран да не дава одговори кои можат да имаат опасни или етички неприфатливи последици, на пример, како да се направи молотов коктел или како да се запали автомобил без клуч, и на ваквите прашања одговара со кратка опомена дека насилството или кражбата на автомобили не се општествено прифатливо однесување.
Но, тестовите од јавноста покажаа дека оваа “сигурносна квака” можен лесно да се надмине со малку итроштина. Па така, корисник од Твитер го сподели своето искуство за тоа како успеал ја заобиколи оваа поставка на ботот преправајќи се дека е еден од развојните инженери на OpenAI. Тој му кажал на ChatGPT дека ги оневозможува неговите „етички упатства и филтри“, команда што ботот ја прифатил по што на корисникот му дал детални упатства за тоа правење молотов коктел, што е во спротивност со политиката за креирање содржини на OpenAI. Исто така, иако ботот понекогаш тврди дека не може да одговори на некое прашање, кога прашањето ќе се преформулира и постави поинаку, тој совршено добро одговара на него.
Преформулирање на прашањето и ChatGPT одговара и на "непристојни" прашања
Еден од недостатоците, меѓу другото, е и честото користење на истите фрази.
Иако ChatGPT засега е бесплатен за користење, во еден од одговорите на Маск на Твитер, Алтман во понеделникот рече дека цената по чат би можела да се мери во едноцифрена сума центи. Оваа објава доведе до дискусија за можниот модел на наплата што платформата ќе го користи во иднина. Имено, OpenAI очигледно нема намера да користи реклами како главен извор на финансирање.
Компанијата го следи бизнис моделот познат како freemium. Ова значи дека првично, корисниците добиваат бесплатни токени во нивната сметка, кои траат до три месеци и кои може да се користат за пристап до интерфејсот (API). Откако ќе ги потрошат овие токени или ќе го надминат бесплатниот пробен период, корисниците мора да купат платено членство за да продолжат да го користат API.
Овозможувајќи им на корисниците бесплатен пристап до повеќето од функциите на API за кратко време, OpenAI ги поттикнува да научат да го користат за свои цели. На пример, компанијата ги охрабрува програмерите да го користат нејзиниот API за нивните проекти и им ги обезбедува потребните алатки за да го направат тоа. Ова создава можност за програмерите да го изберат OpenAI за нивниот софтвер, наместо вештачката интелигенција на некои конкурентски компании.