Додека 55 милиони пациенти ширум светот и нивните семејства чекаат на некоја можна терапија против болестa на векот – Алцхајмеровата болест, потрагите по лекови за ефикасна борба и по објаснувања за нејзиниот настанок остануваат да тапкаат во место или завршуваат во ќорсокак.
Најакредитираната хипотеза во последните 15 години, според која акумулацијата на бета-амилоидниот протеин на невроните е главна причина за болеста, можеби е резултат на манипулација, и во секој случај, не доведе до ефективни третмани. Дури и многу фалениот адуканумаб, лекот одобрен во САД во 2021 година кој ги елиминира амилоидните наслаги, се чини дека не нуди никаква корист и покрај ризиците за оние кои го земаат.
Ова ги прави добредојдени и неконвенционалните хипотези кои се обидуваат на друг начин да ја објаснат болеста. Што ако Алцхајмеровата хипотетички не е болест на мозокот, туку болест на имунолошкиот систем во мозокот? Идејата предложена од научниците од Институтот за церебрални заболувања Крембил (Krembil Brain Institute) во Торонто започна со разгледување на бета-амилоидот протеин што не се произведува во абнормални (т.е. патолошки) услови, а е молекула што нормално е присутна во мозокот како дел од имунолошкиот систем.
Ако дојде до траума или бактериска инфекција, бета амилоидот е подготвен да се впушти во одбрана. Но, како што предлага хипотезата за којашто неодамна јави Conversation, во мозокот на пациентите со Алцхајмер се јавува еден вид недоразбирање. Липидната обвивка на бактериите наликува на онаа на нервните клетки. Бета амилоидот не прави разлика помеѓу двете различни мембрани и цели кон погрешна мета – не ги таргерира напаѓачките бактерии туку невроните што треба да ги заштити.
Невроните задушени од амилоидните наслаги ја губат функционалноста, а оваа прогресивна клеточна смрт за последица носи когнитивно опаѓање и други симптоми во однесувањето, расположението и личноста, типични за Алцхајмерова болест. Гледано во оваа светлина, бета-амилоидната самосаботажа наликува на автоимуна реакција каква што веќе е видена и кај други болести предизвикани од “збунети” автоантитела.
Засега, лековите што се користат за справување со познатите автоимуни болести, како што е ревматоидниот артритис, на пример, не се покажаа како ефикасни и против Алцхајмеровата болест. Но, ако се продолжи со истражувања во оваа насока (т.е. барајќи регулатори на имунолошкиот одговор), можеби еден ден ќе се најде соодветен одговор. Оваа хипотеза за автоимуното потекло на Алцхајмеровата болест, беше објавена минатиот април во списанието на Alzheimer's Association. Но, таа не е единствената „свежа“ идеја што се бави со можниот причинител за болеста.
Паралелно со теоријата за Алцхајмерот како автоимуно заболување, неодамна се појави уште една мошне оригинална хипотеза – дека Алцхајмеровата болест е всушност болест на митохондриите, главните ‘енергоснабдувачи’ на клетките (вклучувајќи ги и оние на мозокот). Имено, митохондриите ги претвораат кислородот и гликозата во енергија.
Според една студија, објавена неодамна во Molecular Psychiatry, новооткриената генска мутација во митохондриите би била поврзана со 20-50% поголем ризик од развој на Алцхајмерова болест. Генот за којшто станува збор го регулира производството на еден мал протеин, наречен SHMOOSE, чијашто присутност ја деактивира мутацијата. Бидејќи „инкриминирачката“ мутација е пронајдена кај околу една четвртина од популацијата со европско потекло, откритието би можело да претставува важен додаток кон досега малку познатите генетски фактори на ризик за Алцхајмерова болест.