Философска релација е кога имаме движење во природата (а сè е движење), било какво, тоа да биде плод (или производ) на барем две компоненти. Тоа философите го нарекуваат дуализам и фактички дуализмот е клучот за нашето постоење и воопшто е претставува поредок во природата. Така ги имаме следниве дуализми: ден-ноќ, топло-ладно, маж-жена, добар-лош, црно-бело, бог-ѓавол итн. Истото се случува и кога треба да добиеме движење наречено вртење на некое вратило на кое е закачено некое тркало. Но, тука има една несреќа – за човекот кој спознава само емпириски а не и рационално постои само она што се гледа. А ние секогаш го гледаме вртењето на некое вратило и мислиме дека прикаската тука завршува. Но, тоа е голема невистина! Прикаската токму тука почнува. Сето ова ќе го продискутираме имајќи ја предвид фотографијата подолу. Па, да почнеме...
На сликата во заднина јасно се гледа ѕвоно од менувач. Ѕвоното е продолжение на куќиштето на менувачот (кое на сликава не се гледа и е зад ѕвоното) и служи за прикачување на моторот на менувачот (или обратно). Попатно, ова ѕвоно кое го гледате е од автомобилот VW Буба. Во средината со жлебови е спојничкото вратило кое излегува од менувачот и треба да ја прими и да ја пренесе силината од моторот на тркалата. Дечкото на сликата го решил проблемот едноставно со тоа што прикачил микромоторче што навистина врти со иста брзина колку и вистинскиот мотор од автомобилот и очекува дека успешно го решил проблемот со погон на возилото! Не се смејте! Многумина од нас како млади биле ускратени од теоретски подлоги од механиката, меѓу кои сум бил и јас, и кои го гледаат само вртењето на електромоторчето (јас мислев дека со електрична дупчалка ќе го решам проблемот) е доволно за проблемот со погонот да е решен. Но, што фали? Фали токму тоа што не се гледа, а тоа е соодветен добро димензиониран вртежен момент. И сега доаѓа она најважното: вртежниот момент и бројот на вртежи на вратилото се во пропорционален сооднос и нивниот производ, всушност, е моќноста или силината или силата на моторот и се изразува во коњски сили (за автомобилите) или во киловати (kW). Е, токму тој голем вртежен момент соодветно димензиониран за еден автомобил ја прави големината и сложеноста на моторот од автомобилот. Што поголем вртежен момент тоа поголем и посложен мотор. Ова микромоторче на фотографијава има минорен вртежен момент и самата фотографија и воопшто идеја е класично незнаење, дефект во рациото и философијата, а некој построг ‘природњак’ или философ би го окарактеризирал и како блуд.
А сега малку дефиниции, формули и бројки. Постои кај машините што произведуваат (или примаат) вртливо движење/ момент кој кај нив се прецизира како вртлив момент, затоа што вратлиото е постојано во вртење или движење. Во статиката, градежништвото и секаде каде немаме движење, од оптоварувањата исто така возникнуваат моменти но тие моменти се викаат статички моменти. Тоа во суштина и во самата бит е еден ист феномен и тоа е векторски производ на силата и растојанието на таа сила од некоја точка или оска. Значи, моментот се однесува за точка или вратило (оска). Димензија на моментот е Њутн метри (Nm). Кај автомобилите моментот е некаде од 40 Nm кај Спачекот до некаде околу 300-400 Nm кај автомобилите од средна и висока класа. Задолжително е наведен овај податок во Техничкото упатство на возилото. Камионите имаат вртежен момент на моторот поголем од 500 Nm. Ова микромоторче на фотографијава има премал вртежен момент, можеби неколку грама на метар или помалку! Фактички, сигурно помалку. Брзината на моторот се изразува во број на вртежи во минута (vrt/min) или sec-1. И моторот бензински од Бубата и овој микроелектромотор можно е да имаат ист број на вртежи, т.е. да се исто брзи и тоа се гледа со око. Моментот не се гледа но се чувствува по интензитетот на забрзувањето на автомобилот. Ако ги помножиме вртежниот момент и бројот на вртежи ја добиваме силината на моторот. Значи: Nm*sec-1=(Nm)/sec=W. А од каде пак ќе знаеме колку киловати силина му треба на нашиот автомобил? На тоа прашање ќе одговорам во некоја друга прилика со ваков повод (под повод мислам на фотографијата во овој текст).
И да одговориме на прашањето од насловот на овој текст: кога недостасува вртежен момент имаме смешна ситуација од која никој не може да не извади! А и ќе не удри по џебот: имено, електромоторот или бензинскиот мотор ќе прегорат, т.е. ќе се упропастат. А за срамот кој ќе нè снајде и губитокот на реномето и да не говориме. За престиж и да не помислуваме!