Има повеќе начини за да се одреди стапката на природен прираст на ѕвезди во нашата матична галаксија, Млечниот Пат. Од директно пребројување на младите ѕвезди, па сè до мерење на осветленоста на гасот и прашината што ваквите ѕвезди индиректно ги загреваат. Иако сите овие методи вклучуваат неизвесни претпоставки, зачудувачки, тие даваат слични резултати – од 1 до 2 соларни маси на новоформирани ѕвезди во рок од една година. И, се разбира, оваа новоформирана маса не оди целосно во конструкција на ѕвездена материја.
Повеќето ѕвезди кои се формираат се ѕвезди со релативно мала маса, помала од таа на нашето Сонце. Всушност, најчестиот вид ѕвезди во нашата галаксија се црвени џуџиња. Во просек, очекуваме 6 до 7 новоформирани ѕвезди во Млечниот Пат секоја година.
И додека оваа бројка навидум е мала, бројката на новоформирана соларна маса во, на пример, најблиската до нас галаксија, Андромеда, е околу 0,4 соларни маси во текот на една година (во просек околу 1 до 2 нови ѕвезди). Набљудувајќи други спирални галаксии во вселенскиот време-простор близу до нас, гледаме некој опсег на новоформирани ѕвезди, и можеме да заклучиме дека во Млечниот Пат и во Андромеда овие опсези се во типичните граници.
Sh 2–106 е еден од многуте региони во Млечниот Пат во кои се формираат нови ѕвезди. Две светлосни години во пречник го прават овој регион мал во споредба со другите „ѕвездени јасли“.
Она што ја контролира стапката на новоформирани ѕвезди во една галаксија е количеството на гориво што е на располагање. Новите ѕвезди се формираат од ладен и густ молекуларен гас, примарно составен од водород, но во кој има и мали примеси на потешки елементи, и значително присуство на прашина. Со тек на време количината на овој ладен молекуларен гас се намалува, како што сè повеќе ѕвезди се формираат во Млечниот Пат. Кога би можеле да се вратиме за едно десетина милијарди години назад во времето и би ја виделе нашата матична галаксија во своите „помлади години“, тогаш би забележале дека нови ѕвезди се формираат многу почесто од денес.
Столбовите на создавањето (The Pillars of Creation) е мал регион во рамките на огромната маглина Орел, оддалечена 6500 светлосни години од нас. Регионот кој стана познат по живописната фотографија направена од Хабл во 1995 година е еден од најактивните региони во кој се формираат нови ѕвезди. (фото: JWST/NASA)