Во неделата, некаде по 17 часот попладне по македонско време, Орион ја изведе втората корекција на траекторијата за враќање, користејќи ги помошните мотори и зголемувајќи ја брзината на вселенското летало за 1,87 километри на час. Но, набргу откако земната станица на Deep Space Network во Канбера го примила сигналот од Орион, се случил проблем со системот за кондиционирање на електричната енергија (PCDU, при што се исклучиле 4 прекинувачи од пониско ниво кои се поврзуваат со потсистемите за погон и греење. Инженерите во НАСА потврдија дека системот е здрав и дека самостојно повторно се вклучил и сега успешно ги напојува компонентите што се во низата после него. Притоа немало прекин во напојувањето на ниту еден од критичните системи и немало негативни ефекти врз навигациските или комуникациските системи на Орион.
Тимовите испитуваат дали овој проблем е поврзан со тестот за менаџирање со елeктричното напојување спроведен од тимовите на летот со цел да се испитаат претходните случаи во кои една од осумте единици се отворила без команда. Во секој од овие случаи врската била успрешно постигната и немало нарушување во напојувањето наменето за авиониката на вселенското летало.
Во моментот кога Орион беше во најдалечната точка од неговата орбита на 28 ноември, неговите камери направија неколку снимки од Земјата и Месечината заедно.
Леталото обезбеди и дополнителни податоци користејќи го оптичкиот систем за навигација, кој се состои од чувствителна камера за фотографирање на Месечината и Земјата, што помага во ориентацијата на леталото преку споредба на големината и положбата на небесните тела на сликите. Инженерите продолжуваат со плановите за неколку дополнителни тестови за време на патувањето на Орион назад кон Земјата. Овие тестови ќе овозможат инженерите да добијат точни информации за тоа како Орион функционира во вселената, како и можност да ги потврдат перформансите и да научат што е можно повеќе за вселенското летало.
Подготвувајќи се за враќањето на Орион, тимот од Програмата за копнени системи за истражување на НАСА и американската морнарица, кои треба да го извлечат Орион од водите на Тихиот Океан, го завршија својот последен тренинг ден на море, користејќи реален модел на капсулата за тренинг на нуркачите и екипажите во малите чамци.
Денес Орион го прави своето најблиско приближување до Месечината, летајќи 127,5 километри над нејзината површина. Овој прелет е последниот голем маневар на мисијата, со само помали корекции на траекторијата кон конечната цел – Земјата.