На третата годишна конференција на Глобалното партнерство за вештачка интелигенција (GPAI), што се одржа во Токио на 21 и 22 ноември, Србија стана членка на оваа престижна меѓународна организација, објави деновиве Политика. Така, Србија влегла во кругот на држави чија амбиција е да бидат „локомотива“ на технолошкиот развој, која во иднина решително ќе ги прекрои економијата и општеството.
Глобалното партнерство за вештачка интелигенција беше создадено во 2020 година на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон и канадскиот премиер Џастин Трудо, со поддршка од Г7 и од ОЕЦД. Првата конференција се одржа во Канада (практично поради пандемиските услови), а следната во 2021 година во Париз. По тој повод, на претседателот Макрон му беше врачен годишен извештај за работата на организацијата чии основачи се Австралија, Канада, Франција, Германија, Индија, Италија, Јапонија, Мексико, Нов Зеланд, Република Кореја, Сингапур, Словенија, Велика Британија, Соединетите Американски Држави и Европската Унија. На нив во 2021 година им се придружија Белгија, Чешка, Данска, Израел, Холандија, Полска и Шведска, а годинава Турција, Аргентина, Сенегал и Србија.
Од приемот на Србија во на Глобалното партнерство за вештачка интелигенција во Токио
Не сите земји кои аплицираат за прием стануваат членки на GPAI. Минатата и оваа година, неколку од нив беа одбиени, бидејќи не го поминаа густото сито од неколку десетици експертски прашања за развојот на ИТ секторот и вештачката интелигенција (ВИ) во национални рамки. Србија испратила писмо за намери, а покрај задоволителните одговори на претходно наведените стручни прашања, се потпре и на уште неколку други адути. Имено, изминатите месеци српските претставници биле мошне активни во работните групи на Советот на Европа и УНЕСКО кои се занимаваат со вештачка интелигенција, што било презентирано и на GPAI, заедно со податоците за соработката на тоа поле со Обединетите Арапски Емирати и Република Кореја. Дополнително, индивидуалните претставници на Сингапур, Кореја и Италија во GPAI, биле српски партнери во VI проекти, па тие ја поддржале кандидатурата на Србија и со лични препораки.
Стефан Баџа, советник во Кабинетот на премиерката на Србија најави дека уште следната недела треба да очекуваме и предлог препораки за развој на вештачката интелигенција во Србија, со што тие ќе станат првата земја во Европа што ќе има ваков документ на државно ниво. Најавениот пионерски чекор не е изненадување, имајќи предвид дека Србија ја усвоила Стратегијата за развој на вештачка интелигенција во 2019 година, само две години откако Финска беше прва во светот што го стори тоа. И според параметрите кои покажуваат до кој степен владата на една земја е подготвена да користи вештачка интелигенција во својата работа и во обезбедувањето јавни услуги, Србија е рангирана на 52 место меѓу 172 земји во 2021 година. Истражувањето спроведено од УНЕСКО на крајот на минатата година покажа дека тие се меѓу единствените 11 земји кои вклучиле лекции за вештачка интелигенција во наставните програми на државните основни и средни училишта. Покрај тоа, повеќе од 1000 ученици посетуваат специјализирани часови по ИТ, што е речиси два отсто од средношколците.
Во новосадскиот Институт за истражување и развој за проучување и примена на вештачката интелигенција во различни области веќе работат 40 истражувачи
Во согласност со Стратегијата за развој на вештачка интелигенција за периодот 2020-2025 година, Владата на Србија во март минатата година формираше Институт за истражување и развој за проучување и примена на вештачката интелигенција во различни области. Седиштето на првата научна институција од ваков вид во овој дел на Европа е во Нови Сад, а има канцеларии и во Белград и Крагуевац. Покрај извонредноста во научноистражувачката работа, една од главните задачи на институтот е да го пренесе своето знаење во стопанството, но и да биде „инкубатор“ на старт-ап компании и расадник на кадри. Во неговите редови моментално има 40 истражувачи, од кои десет со меѓународно искуство. Институтот е важен партнер и во проектите поврзани со примената на вештачката интелигенција, а на него можат да се потпрат и странски компании кои работат во Србија.
Како стојат работите на ова поле кај нас не знаеме. Она што знаеме е дека врвни кадри што се занимаваат со проблематиката на примена на вештачката интелигенција имаме, останува некој некаде во соодветните институции некогаш да му текне дека домашните стручни кадри треба да се привлечат со нешто повеќе да останат дома, дека треба во идните генерации да се вложи нешто повеќе од празни ветувања и дека за развој на науката и техника на државно ниво мора да се има долгорочна агенда и консензус за квалитет, независно од политичките превирања и препирања. Дали ова некогаш ќе го дочекаме?