Неодамна добив покана да присуствувм на изложбата Музеј за сите – мултисензорно искуство – сликите можат да се допрат, сликите зборуваат. Со особено внимание го најавив присуството на овој несекојдневен проект чијашто цел е подобрување на животот на лицата со посебни потреби од секаков вид. Имено, како поранешен вработен во Центарот за социјална работа Битола една од обврските ми беше средување на документацијата за лицата со посебни потреби, посета и помош во рамките на Законот за социјална работа, па оттаму знам дека инклузијата на овие лица во секој сегмент е од особена важност.
Изложбата или повеќе би рекол едукативниот перфоманс, беше презентиран од д-р Ирена Ружин, раководител на проектот Музеј за сите финансиран од Министерството за култура. Лицата со посебни потреби, особено за слабовидните и слепи лица, дадоа свое мислење и поддршка, а и ја отворија оваа презентација пред голем број стручни лица кои работаат со деца и лица со различни посебни потреби, со проблеми со говор, вид, слух и друго. Господинот Јове Парговски потоа во детали ја објасни употребата на нови научни достигнувања за со помош на новата технологија лицата со хендикеп да можат непречено да учествуваат на изложби. Со помош на Брајова азбука и со употреба на мобилен телефон тие добиваат текстуално објаснување за објектот кој е тема на опсервација или да ги допрат сликите кои зборуваат. Во поставката е вклучена и тродимензуална од историскиот комплекс Хераклеја Линкестис, придружена со објаснување.
Искрено, иако имаше детално објаснување малку ми беше нејасно што и како функционира, сепак сакав од прва рака да го доживеам ефектот на сликата која зборува. Го замолив м-р Парговски како функционира процесот на ракување со мојот паметен телефон за да се дојде до ефектот сликата да се допре и да проговори. Прво што дознав е дека телефонот мора да е приклучен на интернет, дали преку мобилниот оператор или преку Wi-Fi мрежата од музејот е небитно. Бидејќи не успеав да се конектирам со својот телефон, господинот Парговски ми го покажа процесот со неговиот телефон, а потоа и со телефонот на еден друг посетител. Со особено внимание ја следев и презентацијата на тродимензионалното прикажување на макетата на Хераклеа Линкестис.
Инаку, во јануари минатата година НУ Завод и Музеј – Битола го реализираше и првиот меѓународен вебинар “Допир на уметноста”, посветен на вклучување на слабовидите и слепите лица во музеите. Во склоп на тој настан исто така биле вклучени како предавачи д-р Ирена Ружин и м-р Јове Парговски, како и повеќе излагачи и стручни лица, членови на Балканската музејска група за пристапност (БМАГ) при Балканската музејска мрежа (БМН).
Модератор на настанот била м-р Аида Вежиќ од Босна и Херцеговина, каја е воедно и генерален секретар на Балканската музејска мрежа.
Па по тој повод беше отворена и промовирана новата тактилна изложба на НУ Завод и музеј Битола во мала сала која ја посетив под утврдени протоколи поради специфичноста на изложбата. Правејќи едно резиме во поглед на унапредувањето на пристапноста на ликовната уметност за слабовидните лица, сметам дека овој настан може да биде карактеризиран како голем исчекор нанапред за на овие лица да им се овозможи да уживаат во уметноста. Ова особено ме радува бидејќи и јас во изминатиот период волонтерски учествував во проект за работа со деца со посебни потреби во насока на приближување науката и техниката кон најмладите. Верувам дека во иднина поголем број лица ќе се едуцираат за помагање на слабовидните, слепите и лицата со разни видови на попреченост.