Мауна Лоа на Хавајските острови, најголемиот активен вулкан на планетата (кој во минатото беше и домаќин на симулации за мисии на Марс), одново еруптира по речиси 40 години од последната ерупција. Тревогата на островот е на максимално ниво. Во моментот, тековите од лава останаа во близина на огромната калдера, но ерупцијата наскоро би можела да се спушти кон населените области. Како што предупредуваат од Американската геолошка служба (US Geological Survey – USGS), која го објави видеото снимено со термална видеокамера, „самата течна лава може бргу да го промени својот пат“, па затоа за локалните жители е неопходно да останат подготвени за „евакуација“.
Снимка од ерупцијата, направена утринава
Снимка од последната претходна ерупција во 1984 година
Но освен лавата, опасни се и гасовите што излегуваат од централниот отвор, а кои ветрот може да ги разнесе да паднат на огромни површини од островот. Робин Џорџ Ендрјус, вулканолог на USGS објаснува: „Овој вулкан еруптира десетици години, но од 1984 година направи пауза која е најдолга во пишаната историја. Поради оваа причина, мора да се набљудува мошне внимателно“.
Всушност, магмата што се згуснала во магматската комора би можела да произведе долготрајна ерупција.
Мауна Лоа, како и сите хавајски острови, е дел од “вулканско жариште“. Ова значи дека изблиците од лава кај овој вулкан потекнуваат директно од длабоката земјина обвивка (плашт). Според некои истражувања тие можеби потекнуваат дури и од преку 2500 километри длабочина, директно од границата помеѓу обвивката и јадрото на Земјата.Поради оваа причина изблиците од лава се генерално течни и не предизвикуваат експлозивни ерупции, како што тоа се случува кај Везув, на пример, туку ефузивни ерупции кои можат да траат многу долго. Мауна Лоа се издиганува од длабочините на Тихиот Океан до надморска височина од 4169 метри. Ако го земеме предвид и делот што се спушта под океанот, вкупната висина на оваа вулканска планина надминува 11 000 метри: со овие димензии, таа е највисоката планина на планетата. Откако постои, од пред околу 5 милиони години, овој вулкан досега има исфрлено вкупно околу 75 000 кубни километри лава.